Новите податоци за железничката несреќа кај Темпи; скандалот со прислушувањата; текот на економијата, но и безбедноста на грчките граѓани,се темите кои лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис ги анализира во колумната за „Катимерини“ како главни прашања кои „граѓаните не ги знаеја во јуни 2023 година“ кога одлучуваа за кого ќе гласаат на парламентарните избори и објаснува зошто бара предвремени избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Каселакис пишува дека „арогантноста на Владата“ по добиените 41 отсто на изборите, не ѝ дозволува да разбере дека „во последните десет месеци се случија одлучувачки настани кои ги менуваат фактите врз основа на кои гласачите му ја доверија власта на Кирјакос Мицотакис“.

Тој коментира дека Грција не може да си дозволи да изгуби уште три години до следните национални избори, „заглавена во непотизам, корупција, небезбедност, економска несигурност и проширување на социјалните нееднаквости“.

- Последователните предупредувања од Европската комисија, Европскиот парламент и Европското обвинителство ни покажуваат дека Владата на Мицотакис флертува со Грекзит од европската демократска институционална рамка. Нема да го дозволиме тоа. Демократијата во оваа земја е света и не можеме да ја оставиме во рацете на оние кои си играат со неа за да останат на власт, порачува лидерот на СИРИЗА.

За железничката несреќа кај Темпи во февруари минатата година кога животот го загубија 57 лица, лидерот на СИРИЗА објаснува дека на изборите, граѓаните не знаеја дека „неколку часа по трагичната несреќа некој ја променил содржината на дијалозите, за да го зајакне аргументот дека причината е човечка грешка“.

За скандалот со прислушувањата се осврнува на одлуката на Државниот совет од минатата недела според која беше прогласен за неуставен член од законот, нешто како што коментира, не постоеше во јуни 2023 година, кога беа изборите.

Како трета тема го наведува случајот со личните податоци на гласачите од дијаспората кои ѝ беа на располагање на европратеничката од Нова демократија Ана Мисел Асимакопулу, без притоа да постои согласност од гласачите.

Во продолжение, Каселакис пишува дека клучно прашање кое „категорично ги побива празните ветувања е текот на грчката економија“ и истакнува дека Грција е втора најсиромашна земја во ЕУ, се наоѓа меѓу првите пет земји во кои се зголемува инфлацијата, а цените на храната се речиси двојно зголемени во однос на европскиот просек



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2024 16:28