Во вториот ден од официјалната посета на Париз, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, имаше разговари за наменската индустрија и одбраната, како и за подобрување на економската соработка со француските компании, а постигнат е договор за купување на ескадрила борбени авиони „Рафал“, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека синоќа имал многу добар разговор со францускиот претседател Емануел Макрон кој траел повеќе од три часа и дека постигнале конкретни договори за купување на борбените авиони „Рафал“, за кои договорите ќе бидат потпишани во следните два месеци.

-Многу сум среќен поради резултатите од тие разговори, среќен затоа што можевме на отворен и специфичен начин да разговараме за сите видови соработка со една од најважните земји во светот. И мислам дека постигнавме конкретни договори во врска со купувањето и на „Рафал“, каде очекувам да биде потпишан договорот во следните два месеци и со присуство на претседателот на Франција, што е исклучително важно за Србија на повеќе нивоа, рече Вучиќ.

„Тоа отвора можности за други соработки. Важно е да работиме на метрото и железница. Разговараме со компании за летечки автомобили. Тоа треба да го спроведеме во пракса до Експо. Разговаравме и за нови инвеститори, кажа Вучиќ.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Немања Старовиќ изјави дека финансиски најобемната, најбараната аквизиција во современата историја на српските вооружени сили (ВС), е набавката на цела ескадрила мошне модерни ловци-бомбардери од четвртата плус плус генерација од типот „Рафал“.

Србија веќе има респектабилен број хеликоптери Ербас, кои Франција ги произведува заедно со Германија, и има намера да набави повеќе такви летала.

Соработката со Франција трае со години, од таа земја се набавени и ракети „Мистрал“ а неодамна за Војската на Србија пристигнаа и најсовремените француски радари.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2024 16:35