Младинскиот форум на партијата Демократски сојуз на Косово (ЛДК), денеска по повод Денот на Уставот на Косово, изведе симболична акција пред зградата на Владата, каде што постави тепих со натпис „Устав на Република Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Подмладокот на косовската опозициска партија тврди дека Владата предводена од Албин Курти е најголемиот прекршител на Уставот на Косово.

Според претседателот на Форумот на младите на ЛДК, Парис Гури, „наместо да ѝ се честита“, Владата треба да се потсети дека седумпати го прекршила Уставот.

- Оваа Влада мораме да ја потсетиме дека за време на нејзиниот мандат, Уставот на нашата држава беше целосно прекршен седумпати. Министерката за образование Арберие Нагавци направи уставна повреда со мешање во надлежностите на општина Каменица за образовната реформа. Министерката за правда Албулена Хаџиу го прекрши Уставот со Законот за обвинителски совет. Уставниот суд и го укина Законот за привремени мерки на основните производи во посебни случаи на дестабилизација на пазарот на министерката за трговија Розета Хајдари, рече Гури.

Тој ги спомена и антиуставните одлуки на Собранието на Косово.

- Истата судбина ја имаше и Собранието на Косово: Уставниот суд го оцени како неуставен чинот на разрешување на членовите на УО на РТК и на членовите на Самостојниот надзорен совет за државната служба на Косово. И, за крај, Уставниот суд отфрли уште два закони на оваа власт: Законот за плати и Законот за јавни функционери, изјави Гури.

И покрај оваа „исклучително опасна практика“, додаде тој, „Владата и нејзините експоненти во ниту еден момент не покажаа никакво каење“.

- Напротив, тие го нападнаа суштинскиот столб на демократијата, Уставниот суд, чуварот на документот пред кој се заколна секој член на власт. Но, оваа заклетва за нив е фарса, како и служењето на Републиката. Имајќи предвид дека кршењето на Уставот стана нешто вообичаено за оваа власт, како подарок го поставуваме овој тепих на влезот бидејќи во тоа го претворија највисокиот правен и политички акт на државата, кршејќи го секогаш кога имаат можност, рече Гури.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/04/2024 18:09