Во Првиот центар во земјава за сензорна интеграција и психомоторна реедукација кој неодамна беше изграден во градинката „Пампурче“ во Општина Ѓорче Петров на пракса се студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација.на Филозофскиот факултет при УКИМ Скопје, а центарот денеска го посетиле нивните професори, проф. др.Оливера Рашиќ Цаневска и проф.др.Горан Ајдински заедно со градоначалникот Александар Стојкоски.

Од Општина Ѓорче Петров потенцираат дека со овој центар, значително ќе им се помогне на децата за полесно интегрирање во основното оразование.

Во склоп на Центарот има три простории, секоја просторија е со различна намена, односно сетилна соба, психомоторен кабинет и сензорна интеграција со вкупно 60 елементи за изведување на ваков тип настава.

Градоначалникот Александар Стојкоски информирал дека посетата била проследена со размена на меѓусебни искуства и идеи за подобрување на условите во предучилишна, како и училишна возраст за дечињата со атипичен развој и попреченост.

-Задоволство ми е што професорите од Институтот ни излегоа во пресрет во однос на работата на сензорниот центар, односно што ќе ни помогнат при правилно користење на елементите кај децата, и сето тоа, преку нивни студенти кои ќе го посетуваат центарот на пракса. Тоа ќе биде од голема помош за нас како општина, но пред се за наставниот кадар во градинката кој секојдневно работи со деца со атипичен развој во „Пампурче“, но и во други образовни институции, изјави Стојкоски.

Посочува дека се зборувало и во насока на правилно интегрирање на децата и лицата со попреченост, генерално во образовниот систем, но и во секојдневието, со што што значително ќе им се олесни на родителите, воспитувачите, наставниците и стручниот кадар .

Тој појасни дека поради се’ поголем број дечиња со попреченост во градинките, помошните простории кои претходно се користеле како помали простории за деца со попреченост во градинката „Пампурче“ биле пренаменети и искористени за изградба на новиот центар.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2024 00:15