Британската Влада ја поддржа одлуката на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Параолимпискиот комитет (ПОК) да им дозволат на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат под неутрален статус на претстојните Игри во Париз.

Во писмото упатено до МОК и ПОК, се наведува дека британската Влада е задоволна од ефективноста на строгите и усогласени услови за неутралност што ги усвоија двете меѓународни организации, јави денеска Би-би-си.

Руските и белоруските спортисти беа суспендирани од сите натпреварувања по почетокот на агресијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година. Сепак, МОК и ПОК одлучија руските и белоруските спортистите да можат да учествуваат како неутрални во поединечни натпревари на претстојната летна олимпијада.

Покрај исполнувањето на олимписките норми, услов е спортистите да докажат дека јавно не ја поддржувале војната во Украина и дека немале врски со воените и безбедносните власти на Русија.

Олимписките игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август, а Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2024 00:27