Песок се црпи од коритото на река Брегалница во село Софилари, штипско, реагираат жителите. Според нив ова е загрижувачка слика и бараат да се стопира црпењето на песок. Велат дека со црпењето песок се уништува коритото на реката, а опасност претставува и за животната средина. Жителите на штипското село Софилари пријавиле и во Општина Штип, а пријавата пристигнала и до градоначалникот. Општинскиот инспектор за животна средина, Влатко Панов, истакна дека веднаш по усната пријава од страна на жителите излегуваат на терен. Ако е во нивна надлежност ќе се реагира веднаш, ако не ќе се бара вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

-Врз основа на поднесена пријава од страна на жители, граѓани за вонреден инспекциски надзор од место наречено Софилари до градоначалникот и со налог за постапување, ќе бидеме на терен ќе видиме дали има исцрпување на минерална суровина – песок од речно корито на река Брегалница. Доколку е во наша надлежност ќе постапиме, доколку ее во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина ќе поднесеме барање за нивно постапување, изјави Панов.

Инаку, и утринава на самото место се работеше во процесот на вадење песок од коритото на река Брегалница во село Софилари.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2024 23:17