Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ се во притвор за убиството на двегодишната Данка Илиќ, додека таткото на Дејан, Радослав Драгијевиќ, е приведен бидејќи помогнал да се сокрие телото на детето на непозната локација. Од истата причина бил уапсен и неговиот брат Далибор, но тој починал неполни 48 часа по апсењето. Полицијата паралелно со потрагата по телото на девојчето води истрага, а клучни сведоци би можеле да бидат неколку лица.
Мајката на Дејан е единствената која останала во семејниот дом по апсењето на останатите членови на семејството. Таа би можела да биде еден од главните сведоци на обвинителството. Иако во краткиот разговор со новинарите на српски Телеграф изјави дека не го видела синот откако девојчето исчезнало, сенка на сомнеж падна на таа приказна кога нејзиниот сопруг и вториот син беа уапсени.
Таткото на Срѓан, Душан Јанковиќ би можел да биде еден од сведоците во обвинителството. При потрагата по телото на девојчето, тој соработувал со полицијата и ги однел на секое место каде семејството има куќа или земјиште, за да може детално да се пребара.
Тој за Телеграф.рс изјави дека, по исчезнувањето на двегодишната Данка, не забележал ништо чудно во однесувањето на неговиот син и дека се што се случило му е многу тешко.
– Се будам навечер, плачам, тешко ми е. Срѓан го видов само во Бор, не знам кога пак ќе го видам – рекол Душан.
Соседите го виделе девојчето
Иако во Бањско Поле, каде што почна потрагата по Данка, никој не слушнал ниту видел кога двајцата работници на ЈКП „Водовод“ со автомобил го удриле девојчето и потоа го внеле во возилото, неколку мештани непосредно пред тоа ја виделе Данка, но не сфатиле дека малото девојче се изгубило. Нивните изјави би можеле да бидат важни за реконструкција на сѐ што се случило.
Данка тој ден ја виделе две комшики, кои живеат во куќи лоцирани зад куќата во која било девојчето со нејзината мајка. Новинарите на српски Телеграф не можеле да дојдат до едната, додека другата комшика вели дека го видела детето низ прозорецот.
– Ја видов последен пат пред нејзината капија. Беше толку мала што верував дека нејзините родители се некаде до неа. Оваа населба е тивка и ние сите ги пуштаме децата да одат пред нас. Навечер не спијам поради Данка. Да ја земев во раце, денеска ќе беше жива… Сето ова е катастрофа за мене – изјави С.М. од Бањско Поле, за Телеграф.рс.
Тој ден беше роденден на нејзиниот син. Дури подоцна слушнала што се случило. Прво му се обратила на дедото на Данка. Му рекла дека го видела детето на портата и дека е мала и не можела да замине далеку.
– Дедото ме праша зошто не сум ја зела. Му реков дека мислев дека некој има со неа. Се чувствувам виновна и одговорна, но сепак ја видов само од прозорецот „со аголот на окото“ и не можев да знам дека е сама. Да знаев каква е ситуацијата, веднаш ќе ја земев, додаде С.М.
Како што рече таа отишла и на полиграфско испитување.
Како што опиша таа, го поминале секој метар од Бањско Поле. Се надевавме дека е таму некаде, дури и да ја киднапирале, бидејќи тоа би значело дека е жива.
– Сѐ е подобро од ова сценарио. Се плашам да бидам сама. Кога мојот сопруг работи втора смена, само мислам дека нешто страшно ќе се случи. Малата Данка не го заслужи ова. Сето ова е голем стрес. И испрашувањето во полиција и сѐ после тоа – вели комшиката, за Телеграф.рс.
Уште две лица ја виделе Данка во Бањско Поле, но по патот од куќата, во правец на излезот од селото. Тие биле мајка и син кои поминале со автомобил, но не реагирале бидејќи девојчето било пред комшиската куќа и мислеле дека е нивната внука која си играла надвор.
Новинарите на српски Телеграф најпрво разговарале со Драган Дојчиновиќ, само еден ден по исчезнувањето на малата Данка, кој девојчето го видел од автомобилот кога ја возел мајка си на лекар.
– Во одреден момент кога поминував овде на улицата, видов дете, девојче. Потоа се свртев и продолжив по улицата. Живеам на околу 50 метри од тука. Го видов детето, но кога се вратив го немаше. Беше некаде околу 13:45 часот. Кога се вратив беше празно – рекол соседот Драган Дојчиновиќ.