Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска го поздрави, како што рече, посебниот и силен глас на Албанија во регионот и на меѓународната сцена.
На заедничката прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама, кој е во дводневна официјална посета на Франција, Макрон му порачал дека „во сите регионални прашања неопходна е нормализација на односите меѓу Србија и Косово, каде што вашиот глас е многу значаен“.
- Албанија е силен глас и во Советот за безбедност на Обединетите нации во последните две години. Бевте домаќини на регионален самит на кој го поканивте и украинскиот претседател Володомир Зеленски, што беше дополнително зајакнување на поддршката за Украина, истакна Макрон, јави Ора њуз.
Рама, од своја страна, високо ги оцени односите меѓу двете земји, додавајќи дека „Албанците ги ценат своите пријатели".
Тој му гарантирал на Макрон дека доколку Франција во одреден момент има проблем, „не треба да се двоуми туку да повика Албанец".
-Албанците беа скептични кон Франција пред неколку години, но сега знаат дека Албанија има уште еден пријател. Ние Албанците не сме богати, но имаме единствена способност: Ако еден ден бидете во момент на тешкотија, повикајте Албанец и тој ќе дојде, рекол тој.
Рама придружуван од сопругата Линда и повеќечлена владина делегација во Париз допатува вчера попладне.
Предвидено е двете земји да потпишат неколку договори и меморандуми за разбирање меѓу двете земји