Грчката Влада недвосмислено ги осудува нападите на Иран врз Израел, кои претставуваат сериозно влошување на веќе затегнатата ситуација во регионот, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција и порачаа дека апсолутно е неопходно да се спречи какво било понатамошно ширење на непријателствата, јави дописничката на МИА од Атина.
Паралелно грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за попладнево свика вонреден состанок на Владиниот совет за национална безбедност, за, како што самиот напиша на Фејсбук, да ја проценат ситуацијата и да изразат поддршка за секој напор за смирување на новата тензија.
Традиционалниот седмичен преглед, што секоја недела Мицотакис го објавува на Фејсбук, денеска го започна со осуда на нападот.
- Станува збор за крајно непријатни и многу загрижувачки случувања кои предизвикуваат ново потпалување во нашето пошироко соседство и секако на Блискиот Исток, напиша грчкиот премиер.