Репортери без граници (РСФ), меѓународна невладина организација фокусирана на заштитата на новинарите и правата и слободите на медиумите, до крајот на неделата ќе поднесе извештај за Србија до Европската комисија (ЕК), изјави за Гласот на Америка, Павол Салај - нејзин претставник задолжен за Европската Унија и за државата.
Слободата на медиумите и изразувањето е една од областите што се оценуваат при евалуација на применетите реформи на земјата кандидат на патот кон членство во Европската Унија.
Во извештајот на ЕК за претходната 2023 година, беше заклучено дека Србија постигнала ограничен напредок - со изразена загриженост поради заканите, заплашувањата, говорот на омраза и насилството врз новинарите.
Салај не даде детали од извештајот на РСФ за Европската комисија во врска со Србија. Но, тие несомнено ќе бидат познати кога таа организација, по повод Денот на слободата на медиумите 3 мај, ќе го објави Индексот на слободата на медиумите во светот - што континуирано го прави од 2002 година, јавија медиумите во Белград