Литванецот Миколас Алекна (21) го собори денеска најдолговечниот рекорд во светот на машката атлетика, фрлајќи го дискот на далечина од 74,35 метри, на митинг одржан во американскиот град Рамона.
Досегашниот рекорд беше во сопственост на Јирген Шулт, кој во 1986 година го фрли дискот на далечина од 74,08 метри.
Во секој од шесте обиди Алекна имаше резултат над границата од 70 метри, а светскиот рекорд го собори во петтата серија.
Семејството Алекна сега има двајца од тројцата најдобри фрлачи на диск во историјата, бидејќи таткото на Миколас, Виргилиус, е двократен олимписки шампион, чиј најдобар резултат во кариерата изнесува 73,88 метри.