Кинескиот претседател Си Џинпинг доаѓа во Белград на 8 мај, објави Демостат повикувајќи се на извори од дипломатски кругови, јави дописникот на МИА од Белград.

За време на престојот во Србија, претседателот на Кина ќе се сретне со неговиот српски колега Александар Вучиќ и други државни претставници, соопшти Демостат.

Вучиќ во февруари, на церемонијата на одбележување на лунарната Нова Година, рече дека добил потврда дека кинескиот претседател ќе го посети Белград во 2024 година, оценувајќи дека Си е искрен пријател на Србија и еден од најважните светски лидери.

Двајцата претседатели последен пат се сретнаа во октомври минатата година во Пекинг, за време на третиот Форум „Појас и пат“.

Си веќе беше во Србија во јуни 2016 година, што беше прва посета на кинескиот претседател на Белград по 32 години.

Инаку, кон средината на март беше најавено дека Си во мај во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, а таа посета ќе се совпадне со прославата на 60-годишнината од односите меѓу двете земји. Тоа ќе биде прва посета на претседателот на Кина на Европа од почетокот на пандемијата на корона вирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2024 04:09