Неколку краци од улици во штипската населба Каваклиски рид ќе бидат бетонирани наредните денови. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека активностите на терен започнаа, а се очекува во наредниот период да се постави и осветлување. Посочи дека реконструкција на улиците се прави првпат после долги години. Во меѓувреме е променета водоводната и канализациска мрежа.

-Станува збор за населба, којашто долги години не беше урбанизирана, уредена, затоа што жителите од ова населба немаа основен степен на уреденост. Немаа водовод, канализација, пристапни улици, осветлување, етапно решивме одреден број на проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Водоводната линија и притисокот на вода, којшто беше главен проблем во оваа населба во изминатата година го решивме, пред извесно време беа бетонирани одредени краци од самата населба, одредени пристапи. Денес продолжуваме во останатиот дел од населбата Каваклиски рид, изјави Јорданов.

Инвестицијата е вредна околу 800.000 денари пари кои се издвоени од Буџетот на Општина Штип, и инвестирани за подобрување на условите за живот на граѓаните. Од наредната недела се очекува да започнат градежните активности на терен доизградба на булеварот „Партизанска“, инвестиција вредна околу 2 милиони евра, како и активности за реконструкција на спортскиот центар „Џексон“ инвестиција вредна над еден милион евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2024 00:44