„Преку разгледница до инклузија“ е тема на фото конкурсот што го распиша центaрот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака нова“.
На конкурсот може да учествуваат сите фотографи, професионални и аматери со фотографии од Охрид, Струга и целиот регион на УНЕСКО, со цел нивна афирмација, но и поддршка на лицата со попреченост.
- Нашите заложби за поголема инклузија на лицата со попреченост, повеќе можности да креираат самостоен живот и да заработуваат сакаме да ги пресликаме во скоро сите активности кои ги имплементираме, па таков е и овој фото конкурс, соопшти „Порака нова“.
Избраните фотографии, на кои ќе бидат овековечени безвременските пејзажи и културното наследство од охридско-струшкиот регион заштитен од УНЕСКО, ќе бидат направени во разгледници, кои потоа ќе бидат продавани од лицата со попреченост.
- Со своите дела фотографите ќе придонесат во една позитивна мисија, бидејќи продажбата на разгледниците ќе биде извршена од лица со попреченост, која ќе им помогне во нивниот самостоен живот, самовработување и социјализација, додаваат од „Порака нова“.
Најдобрите 15 фотографии, според нив, ќе бидат избрани за да се испечатат во форма на разгледници. Авторите на истите ќе добиваат 10 отсто од секоја продадена разгледница и ќе бидат исплаќани на месечно ниво.
- Сите права и обврски ќе бидат регулирани со посебни договори со избраните фотографи по направената селекцијата. Нивното име, бренд/лого, веб-страница, ќе бидат додадени на задната страна на разгледницата. Преку целиот процес, фотографите и нивниот бренд ќе бидат промовирани преку кампањата за продажба, потенцира „Порака нова“.
Пристигнатите фотографии, посочуваат, ќе бидат прикажани на виртуелна изложба на веб-страницата на „Порака нова“ и промовирани на социјалните медиуми. Краен рок за аплицирање е 15 мај, а прогласување на победничките 15 фотографии ќе биде на 25 мај.