“Исклучително сме задоволни од текот на работите за изградба на топловодот од РЕК Битола до Битола. Задоволни сме од ова што го гледаме на терен, од посветеноста и ангажманот на изведувачот на работите, како и од исполнувањето на обврските на нашиот партнер во реализацијата на овај проект, Државните електрани ЕСМ и ЕСМ Топлификација Битола”, порача германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер при увидот на теренските активности за изградба на топловодот во Битола.
Германската амбасадорка во Битола ја придружуваа Марион Флојт Леферник од Германско Министерство за техничка соработка, Давид Оберубер, директор на канцелариите на ГИЗ за Косово и Македонија и Роберт Сарламанов, претставник на КФВ банка во Македонија. При увидот на терен, присутни беа и претставници на изведувачот на работите, на австриската компанија IC Austria која го врши надзорот и директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров.
Заради одличната реализација на проектот Топлификација на Битола, германската делегација најави дека се размислува за проширување на проектот со т.н. Solar District Heating во Битола. Соларните мрежи за централно греење користат големи површини со соларни термални колектори како извор на топлина. Концептот е познат и како соларно централно греење (SDH). Технологијата на соларните мрежи за централно греење е докажана, велат германските партнери во проектот за изградба на топловод од РЕК Битола до Битола, и може да даде важен придонес за процесот на декарбонизација во иднина.
Проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила се гради со кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително АД ЕСМ инвестира 7 милиони евра сопствени средства. Во првата фаза, на мрежата ќе се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во пелагониските општини.