Со пакет мерки, вредни 13 720 000 евра, ЕУ и УНДП ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанското Езеро и на развојот на одржливо земјоделство и туризам, а ќе се спроведат и поголеми инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води, како и за подобрување на регионалниот развој.

Како што информираа денеска од Канцеларијата на УНДП во Скопје, инвестициите за заштита на еколошкиот систем во регионот на Преспа ќе се спроведуваат преку два комплементарни проекта, „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“.

-Регионот на Преспанското Езеро е област со исклучителна убавина и извонреден биодиверзитет. Неговиот ранлив еко-систем треба да биде заштитен, додека луѓето кои живеат на бреговите на езерото треба да имаат корист од можностите за одржлив развој. Програмата на Европската Унија „ЕУ за Преспа“ е дизајнирана да го направи токму тоа, преку зголемување на заштитата на регионот, заедно со промоцијата на одржливиот развој за сите. Програмата вклучува и финансиски придонес за изградба на граничниот премин „Маркова Нога“, кој ги поврзува Северна Македонија и Грција, овозможувајќи поголеми економски можности, експанзија на туристичкиот потенцијал на регионот и поблиски економски врски меѓу заедниците околу езерото, изјави амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Програмата „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Eзеро. Со изградба на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1 500 жители на 6 села ќе имаат пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик.

Мрежата за собирање на цврст отпад, ќе се прошири со 11 села и над 1100 жители, со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година. УНДП повеќе од една деценија се присутни во овој регион со разни проекти за заштита на Преспанското Езеро и резултатите се препознаени глобално, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан.

Проектите од „ЕУ за Преспа“ се финансирани од Европската Унија и делумно од Програмата за развој на Обединетите Нации, а ќе ги имплементира УНДП во соработка со општина Ресен, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Царинската управа како и други национални и локални партнери.

Проектите ќе се имплементираат во наредните три години и ќе се спроведат до 2027 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2024 18:41