Вкупното количество на создаден комунален отпад во 2023 година во државава изнесува 878 303 тони. Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2023 година изнесува 503 килограми, што е за 7,7 проценти повеќе од истото количество во 2022 година.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, вкупното количество на собран комунален отпад во државава минатата година изнесува 621 686 тони, за 2,6 отсто повеќе споредено со 2022 година. Зголемувањето, појаснува ДЗС, се должи на зголемениот број на населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот Регион – 169 515 тони или 27,3 проценти од вкупното собрано количество.

Од вкупното количество на собран комунален отпад, 507 138 тони или 82 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 18 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад – 531 033 тони или 85,4 проценти, а најмало количество има отпадот од гума – 1 301 тон или 0,2 проценти од вкупното количество собран комунален отпад.

Најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 проценти) се исфрла на депонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2024 20:15