Наспроти заканите предизвикани од климатските промени, допингот со помош на вештачка интелигенција или е-спорт натпреварувањата, шефот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах (ИОК) е убеден дека иднината на олимпиското движење никогаш не била посветла, бидејќи кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година поднеле двоцифрен број држави.

Бах, 70-годишен поранешен германски олимписки мечувалец, го предводи МОК од 2013 година, кога интересот за организација на Олимписките игри беше на историски најниско ниво поради честите скандали околу трошоците и корупцијата.

Намалената привлечност на Игрите беше очигледна за време на кандидатурите за Летните игри 2024 и 2028 година, кога имаше само двајца кандидати, Париз и Лос Анџелес.

Игрите во 2032 година оттогаш се доделени на австралискиот град Бризбејн, а Бах во изјава за француските медиуми обелодени дека двоцифрен број земји се натпреваруваат за Игрите во 2036 година.

Според медиумите, меѓу земјите кандидати се и Саудиска Арабија и Катар, но Бах не сакаше да ги коментира амбициите на двете спортски сили од Персискиот залив.

„До овие игри има само 12 години, па рано е да се коментираат какви било интереси“, рече Бах.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2024 17:56