Одделението за радијациона заштита при Институтот за jавно здравје е во завршна фаза на имплементирање, тестирање и пуштање во работа на новиот мерен систем за детекција на радиоактивност во воздухот и рано предупредување при нуклеарен или радиолошки настан од локален или глобален карактер.
Како што информираат денеска од Институтот, овој систем, што се состои од 12 мерни станици и инструменти, овозможува мониторирање, мерење и брза детекција на радиоктивноста во воздухот во Република Северна Македонија, што е главна задача на Одделението за радијациона заштита во ИЈЗ, согласно законската регулатива.
- Нашите нови мерни станици за рано известување се инсталирани во Центрите за јавно здравје низ нашата земја и истите се дел од европската мрежа и платформа за размена на радиолошки податоци EURDEP. Резултатите од мерењата за радиоактивноста се видливи и достапни за сите членови на оваа платформа, како и за нашето население. Европската база на податоци се состои од механизам за континуирана размена на податоци во реално време, со веб приказ на податоците од радиолошкиот мониторинг на 39-те земји учеснички, појаснуваат од Институтот.
Потсетуваат дека Одделението за радијациона заштита при ИЈЗ уште во 2013 година потпиша договор со EURDEP и со Европската комисија, а оваа година се обновија протоколите за испраќањето мерните податоци до Европската платформа за размена на радиолошки податоци (EURDEP).
- На веб-страницата на ИЈЗ достапна е информативната страна EWRMNS-MK од овој национален мониторинг систем каде се прикажуваат податоците од мерењата за 12-те градови во Република Северна Македонија. Очекуваме дека новиот мерен систем ќе биде стабилен и безбеден. Тоа значи дека истиот ќе придонесе за брза реакција при вонредни нуклеарни и радиолошки настани, согласно директивите на МААЕ, Дирекцијата за радијациона сигурност на РСМ и протоколите за заштита од јонизирачко зрачење и радиоактивност регулирани во нашата земја, нагласуваат од Институтот.
Мониторингот и детекцијата се прва, најбрза информација, како што истакнуваат од Институтот, за тоа дали има промени во радиоактивноста во животната средина, со што се овозможува итно преземање потребни мерки за спречување прекумерното озрачување на населението, во случај на нуклеарна несреќа од глобален или локален карактер