Македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати официјална честитка до претседателката Гордана Сиљановска - Давкова, за изборот и преземањето на функцијата.

- Со голема радост и чест, во име на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Ви упатуваме најискрени честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Македонија. Вашата инаугурација како прва жена Претседател на Република Македонија е историски момент кој го поздравуваме со особено задоволство, стои во честитката на МАЕИ потпишана од лидерот Васил Стерјовски.

Се додава дека, МАЕИ, како единствената партија која што ги брани интересите на Македонците во Албанија „со нетрпение очекува да соработува со Вашата администрација во напорите за зајакнување на врските помеѓу Македонците од Албанија и матичната држава Македонија".

-Ви благодариме за Вашата претходна поддршка и ангажман во клучни моменти за македонската заедница во Албанија, особено во 2014 година за време на територијално - административната реформа во Албанија, каде благодарение на вашите совети успеавме да издејствуваме албанската влада да не ја укине општина Пустец населена со 100 отсто македонско население, се нагласува во честитката.

Во Вашата нова улога, се посочува, ја поздравуваме Вашата заложба за чување на македонскиот национален идентитет и суверенитет, и со верба и оптимизам гледаме кон иднината.

-Ви посакуваме многу успеси и мудрост во спроведувањето на Вашите функции, за доброто на сите граѓани на Република Македонија и на сите Македонци каде и да се наоѓаат низ светот, посакува МАЕИ во честитката до претседателката Сиљановска-Давкова.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2024 17:32