Во гимназиите во Дебар и Центар Жупа средното образование во учебната 2023/2024 година го завршуваат 154 ученици, кои деновиве се подготвуваат за прослава на матурската вечер, а потоа полагање на матурскиот испит.

-Во нашата образовна институција образованието го завршуваат 139 ученици. Гледано одделно, на македонски наставен јазик се 37, од нив 10 во подрачната паралелка во селото Могорче, и 102 на албански наставен јазик, што е за 20 помалку споредено со минатата учебна година. Сите ученици се пријавени за полагање државна матура, што подразбира нивната определба за продолжување на образованието, рече за МИА Рамадан Имери, директор на дебарската гимназија „28 Ноември“.

Во ова средно училиште, настава на македонски и албански наставен јазик следеле вкупно 549 ученици, што е за 30 помалку споредено со минатата учебна година.

-Во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа имаме 15 матуранти, од нив еден е на македонски наставен јазик и е пријавен за полагање училишна матура. На турски наставен јазик се 14, од кои 10 се пријавени за полагање државна, останатите за училишна матура. Минатата учебна година средното образование го завршија 17 ученици, изјави за МИА директорот Сабри Асан.

Во оваа образовна установа во учебната 2023/ 2024 година настава следеле вкупно 90 ученици на двата наставни јазика.

За се помалиот број ученици, како во средните така и во петте основни училишта во двете општини, главната причина е масовната миграција, главно во странство, а во помал процент во други градови во државава.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2024 05:21