По повод 20 Мај - Денот на македонските пожарникари денеска во Противпожарниот дом познат како Пожарна во Велес имаше Отворен ден со граѓаните. Учениците од велешките основни училишта со наставниците и децата од велешките градинки ги посетија припадниците на Противпожарната единица. Тие се запознаа и се ракуваа со пожарникарите, се запознаа со противпожарната опрема и возилата за гаснење пожари со цистерни.
Пожарникарите им покажаа како функционира опремата, им одржаа кратко предавање да ја чуваат и заштитуваат животната средина и ги предупредија да не си играат со оган и да не палат оган дома. Ги предупредија да не палат оган на отворен простор и во шума затоа што може да се предизвика пожар со несогледливи последици по природата, а некогаш за жал и со човечки жртви.
Командирот на ТППЕ Велес Диме Јованов потсети дека освен во Општина Велес, делуваат и во соседните две општини, Градско и Чашка, а понекогаш на повик и во други општини и региони во земјава и во странство, кога има големи несреќи и катастрофи.
Појасни дека во моментов работат 32 пожарникари и се добро опремени со 11 исправни противпожарни возила и располагаат со опрема за гаснење на пожари во затворен и отворен простор, како и со опрема за спасување од возила во сообраќајни и други несреќи.
Од ТППЕ Велес апелираат до граѓаните да ја чуваат животната средина и при престој во природа да не палат оган на отворено, со што ќе придонесат да се зачуваат македонските шуми кои се наше најголемо богатство.
Годинава за разлика од изминатите години не се одржа показна вежба на ТППЕ Велес која беше традиционална на секој 20 Мај - Денот на македонските пожарникари, која се организираше во соработка со Општина Велес.