Да се намали употребата на пестициди во земјоделството, да се засадат што повеќе медоносни растенија и да се имплементираат ефикасни политики за справување со климатските промени, е пораката од денешната манифестација што се одржа по повод Светскиот ден на пчелата, 20 Мај.

Неопходно е, истакнаа учесниците, да се препознае улогата на пчелите во екосистемот и да се подигне свеста за нивната важност како главни опрашувачи во природата од кои зависи опстанокот не само на хуманата популација, туку и на целата планета.

Како што беше напоменато, бројот на пчели се намалува поради многу фактори - климатските промени, интензивното земјоделство, употребата на пестициди, губењето на биолошката разновидност и загадувањето, а со тоа опаѓа и производството на пчелините производи - мед, перга, полен, матичен млеч, восок, пчелин отроов, кои се од исклучително значење за луѓето. Во земјава, просечната годишна продукција е сведена на 10 килограми мед по пчелно семејство.

-Мора да бидеме се посвесни дека пчелите ни обезбедуваат производи кои се сметаат за висококвалитетна храна, но тие имаат најголем придонес и од аспект на опрашувањето. Пчелите опрашуваат речиси три четвртини од сите растенија, а секоја трета лажица од храна во светот зависи од опрашувачите. Според научните студии, има се поголеми негативни влијанија врз здравјето на пчелите поради што тие се се позагрозени. Затоа е неопходна грижа за нивниот опстанок. Пчелите се грижат за биолошката разновидност и имаат позитвен ефект врз екосистемот, рече словенечкиот амбасадор Грегор Прескер.

Тој потсети дека Словенија во 2011 година беше една од првите земји во ЕУ што ја забрани употребата на некои од пестицидите кои се најштетни за пчелите.

-Со оглед дека веќе седум години го одбележуваме овој Ден, верувам дека светот почна пошироко да размислува за пчелите, особено во однос на обезбедување услови за нивен опстанок, а со тоа и опстанок на луѓето. Со денешниот настан сакаме да ја подигнеме свеста за важноста од заштита на пчелите и другите опрашувачи, нагласи Прескер.

Според деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), Миле Маркоски, најголема закана за пчелите е употребата на забранети заштитини средства во градинарството, овоштарството и поледелството кои директно влијаат врз намалување на бројот на пчелите.

-Затоа е неопходно да се употребуват пестициди кои се на листата одобрени средства за заштита, потенцира професорот.

Марина Митревска која одгледува пчели 26 години и има преку 150 кошници, укажа дека овоштарите не треба прскаат кога пчелите се надвор, туку во раните утрински часови, како и дека не треба да употребуваат јаки отрови и заштитните хемиски средства да ги заменат со органски.

-Целото мое семејство се занимава со пчеларство. Од пчелата имаме многу производи и за тоа мора да бидеме свесни. Ако не постои пчелата нема да може да се опрашуваат дрвјата, нема да има овошје и други видови прехранбени производи. Некои научници велат дека ако пчелите изумрат, луѓето ќе имаат живот уште најмногу пет години потоа. Летната пчела живее околу 40 дена, а зимната до три месеци. Климатските услови го намалија производството, годишниот просек е се помал. Кај нас изнесува 10 килограми на почелно семејство, а цената на медот е од 600 денари нагоре. Ако времето е неповолно, пчелите не можат да соберат нектар од цветовите. многу е важно потрошувачите да ги запознаат произвопдителите и да имаат доверба во нив, да знаат дека купуваат вистински мед. Има се уште проблем со дивите продавачи на фалсификуван мед, вели таа.

Тема на Светскиот ден беше „Младите ангажирани во заштита на пчелите”. Настанот во чии рамки имаше и ликовна колонија на теми посветени на пчелите, се одржа под покровителство на Амбасадата на Република Словенија, АДРА Македонија, Општина Гази Баба и Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ), а присуствуваа и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова,резидентната координаторка на ОН во земјава, Росана Дудзиак, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, како и претставници од партнерските организации во областа на пчеларството и заштитата на животната средина.

По завршувањето на официјалниот дел, во ,„Паркот на пчелата“ пред ФЗНХ беа засадени медоносни растенија.

Одбележувањето на Светскиот ден почна на иницијатива на Словенечкиот пчеларски сојуз. Иницијативата беше усвоена од ОН во 2017 година, а 20 мај, роденденот на пионерот на модерното словенечко пчеларство Антон Јанша, е прогласен за Светски ден на пчелите.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2024 19:28