Новата влада ќе промовира и застапува единство и обединување на креативниот и прогресивен потенцијал. Мораме да се обединиме под исто знаме, под исто небо и да работиме за заедничката иднина, порача денеска од Струга лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од трибината „Св. Кирил и Методиј, стожер на постоењето!“.

Потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина, нагласи дека е она на што ќе се посвети во своето работење, подвлекувајќи дека големата поддршка од граѓаните, значи и огромна одговорност да излезат пред нив и да кажат како стојат работите реално, без разубавувања, но и да направат брзи резултати.

- Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот, и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина од вас овде се гледаат на различни позиции, функции и места, но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој, кој ја дава оваа власт, а тоа е народот. Бидете свесни дека секое ваше потрфлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење, укажа Мицкоски на трибината организирана од ВМРО - ДПМНЕ во чест на Свети Кирил и Методиј.

На идните функционери им порача да работат беспоштедно од првиот ден, да решаваат што е можно повеќе проблеми и да бидат промената која може и мора да се види од првиот час.

Оцени дека заклетвата на претседателката на државата го свртела вниманието на целата грчка и европска јавност, а, како што нагласи, нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред Европската Унија повеќе од две и половина децении, со платени високи цени за влез, никако не се коментира ниту е предмет на интерес.

- Јас сум свесен и за објективните слабости во потенцијалот на институциите, во присуството на корупцијата и акутната неспособност за резултати на власта во заминување, но Македонија плаќа скапа цена поради блокадите на соседите, иако го делиме и заслужуваме заедничкиот европски сон, кој е нашата заедничка цел. Во тоа постојано чекање се губи нашето достоинство. Се удира и по нашата самодоверба и колективно самоопределување, рече Мицкоски. Пред присутните кажа дека не се откажува од европскиот сон, бидејќи, како што посочи, и Македонија е Европа и го полага правото за членство во Унијата. - Затоа што мал, но многу значаен дел од колективата крепост на Европа и припаѓа и на Македонија, татковината на Св. Климент и Наум, на Света Лидија Македонката, Свети Еразмо Охридски, Ѓорги Кратовски, Злата Мегленска и многу други светители. Врз овие грамадни имиња се потпира и нашата света Македонска православна црква, Охридска архиеископија. Која ја има и ќе продолжи да ја има мојата поддршка во борбата за соувување и идентитско самоопределување, согласно заложбите и апелите на г.г Стефан, рече лидерот на ВМРО - ДПМНЕ. Неговата цел, нагласи дека е надминување на сите поделби, победа на омразата и апсолутна и неселективна одговорност. - Народот знае дека за сите нас постои едно исто небо под кое живееме, тагуваме и се радуваме. Позади мене е Охридското Езеро, чиј брег илјадници години обединува луѓе од различни етнички и верски припадности. Не постои лева или десна, на власта или на опозицијата, не постои нешто како лош или добар народ, постои само една, Македонија, со пристојни луѓе кои заслужуваат среќа. Со историја пред која се поклонуваме, и иднина која мораме да ја создаваме сами и за која сме подготвени да се бориме. Немаме време да трошиме за жалење над неправдите врз нас, ниту пак за промашените шанси на тие пред нас. Ние самите мораме да ги создадеме наредните шанси и да ги извојуваме заедничките победи, рече Мицкоски во своето обраќање во дворот на црквата „Света Богородица“ во струшко Калишта. Историјата, според него, ќе ја сочуваме само ако го продолжиме делото на Св. Кирил и Методиј, само доколку самите создаваме шанси и се бориме за нескршливо единство, да делуваме како едно, сите обединиети како еден. На трибината свои обраќања имаа и професорите Ѓоко Ѓорѓевски од православниот Богословски факултет Св. Климент Охридски во Скопје и Митко Панов од Институтот за национална историја при УКИМ - Скопје, како и членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Љутков



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2024 23:51