Јапонска компанија претстави нов изум - електрична лажица којашто ја прави храната со посолен вкус, без употреба на повеќе сол.

Лажицата, направена од пластика и метал, е развиена со помош на професорот од Универзитетот Меиџи, Хомеџи Мијашита, кој работел и на „сладок ефект со помош на стапчиња за јадење, а без шеќер“. Уредот тежи 60 грама и се напојува од литиумска батерија што се полни. Компанијата „Кирин Холдингс“ ќе пушти 200 електрични „солени лажици“ во продажба овој месец. Цената ќе биде 19.800 јени (117 евра) и првично ќе се продава во Јапонија. Но, стремежот е - за пет години да има милион корисници на овој производ ширум светот.

„Солената лажица“ функционира така што со своето мало електрично поле ги концентрира молекулите на натриум на јазикот, со што храната има посолен вкус.

Компанијата, инаку е позната по производството на пиво, па сега сѐ повеќе се сосредоточува на здравствените придобивки за корисниците, користејќи технолошки иновации.

Просечниот Јапонец консумира околу 10 грама сол дневно - двојно повеќе од препорачаната количина од Светската здравствена организација (СЗО). Прекумерниот внос на натриум (сол) може да има многу негативни здравствени последици, а една од нив е високиот крвен притисок, којшто пак, ја зголемува опасноста од срцев и мозочен удар, како и други срцеви заболувања. Солта може да ги оштети и бубрезите.

Високиот внос на натриум влијае и врз здравјето на коските. Истражувањата покажуваат дека храната полна натриум може да доведе до зголемено излачување калциум во коските, што со тек на време ги ослабнува и води кон остеопороза



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2024 05:46