Македонските каратисти Петар Заборски и Петар Спасеновски ќе учествуваат на последниот турнир од Светската карате 1 премиер лига за 2024 година.
-Членови на Макпетрол се единствените претставници од Македонија што ќе бидат дел од силното натпреварување што во Казабланка ќе се одржи од 31 мај до 2 јуни. Заборски ќе се бори во категоријата под 75 килограми, додека Спасеновски во таа под 84 килограми, соопштија од КК Макпетрол.
На меѓународниот собир ќе се соочат Топ-32 најдобри индивидуалци од ранг-листата на Светската карате федерација (ВКФ). Пријавени се 381 натпреварувач од 60 земји.
По турнирите во Париз, Анталија и Каиро, најквалитетните светски каратисти во Мароко ќе се борат за медал, но и за престижната титула „севкупен победник“ (Grand Winner) во своите категории.
Според описот од ВКФ, спортистите што прикажале исклучителни вештини и постојани резултати во текот на сезоната ќе бидат прогласени за „севкупни победници“.
Освен на борби за златни, сребрени и бронзени одличја, Казабланка ќе биде домаќин и на специјална гала-церемонија во чест на сите „Grand Winners“. Освојувачите на овие титули во следната сезона од премиер лигата на своите кимона ќе носат златен вез што ќе го симболизира нивниот успех.