Ние ветивме дека ќе воведеме нови ресори во владата, или ново министерство за енергетика и за спорт. Ќе има поддршка за овие промени, деновиве ќе се поднесе законот. Практично за истите очекуваме поддршка од сите, бидејќи ова е за доброто на сите и на Македонија, рече Драган Ковачки, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Ковачки посочи дека сите се свесни дека претстои многу работа по формирање на владата.
„Сите сме подготвени, премиерот Христијан Мицкоски е подготвен за многу работа, за подобар стандард на граѓаните, за подобри услови за живот, за трансформација на општеството, ќе се направи се здравството да функционира, образованието да продуцира квалитетни кадри“, кажа Ковачки.
Во однос на формирање на владата Ковачки посочи дека се ќе биде според роковите.
„Се ќе биде во рамки на роковите. До крај на неделава ќе добие мандат премиерот, а потоа во рок ќе се формира и влада“, вели Ковачки.
Јасната определба на граѓаните на изборите, рече Ковачки води кон тоа дека ќе има стабилна влада.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе предводи стабилна, но и работлива влада. Најважно од се е што ќе има влада која ќе ги реализира ветените проекти. Ќе реализира се што треба за граѓаните. Одредени структури кои лошо поминаа на изборите, народот ги препозна и ги стави таму каде што треба“, рече Ковачки.
За случувањата во СДСМ и изборот на нов претседател, Ковачки вели дека кандидатите веќе извршувале функции и се добро познати.
„Славјанка Петровска е една од најслабите министерки за одбрана, докторот Венко Филипче е познат по тендерите само, одговорен за модуларната во Тетово, за набавките на вакцини за време на корона. Јован Андоновски исто така е познат по доделување на тендери за сомнителни проекти. Сите тие се од еден период кој е црна дамка за Македонија. Ова се лица кои се покажале и кои се политички мртви, не е добро за партијата такви ликови да ја водат партијата“, кажа Ковачки.