Ракометарите, стручните тимови и раководството на РК Алкалоид го одбележаа крајот на овогодинешната сезона, трета во историјата на клубот во која се сретнаа и успешно се носеа со многу нови предизвици меѓу кои е и дебитантскиот настап во Европската лига на ЕХФ, големите дерби мечеви во суперлигашкиот плејоф, историскиот настап и прв пехар во Куп на Македонија, шампионските пехари во пионерска, кадетска и младинска конкуренција и сето тоа проткаено со успешниот настап и големата одговорност што ја носат нашите ракометари со сениорската репрезентација, но и во помладите репрезентации.
Прес конференција и коктел дружење беше организирано по повод крајот на сезоната во присуство на нашите ракометари. Пред медиумите зборуваа претседателот на клубот Горан Минов, тренерот Кирил Лазаров и капитенот Игор Ѓорѓиев.
Кратка ретроспектива на сезоната со акцент на остварените резултати даде претседателот на клубот Горан Минов.
„Завршивме сезона која беше посебна за нас за многу работи, затоа што имавме многу нови предизвици. Се соочивме со нови моменти, како настап во Европа, кој настрана спортскиот и резултатскиот дел, бараше од нас и друг пристап којшто е организациски. Нашата сениорска екипа успешно се претстави во Европската лига на ЕХФ каде игравме со реномирани противници и ги освоивме првите бодови. Успешно и на високо ниво одигравме три европски средби и го положивме тој организациски дел со голема оценка, што за нас беше голем испит. На домашната сцена изборивме место во Европа, а посебна сатисфакција е освоениот Куп на Македонија. Посебно не радуваат успесите на младинските категории, во кои станавме прваци во пионерска, кадетска и младинска категорија. Со макотрпна, но стратегиски успешна работа, изградивме систем во кој сите се вклопија. Успеавме на ракометарите да им вградиме победнички менталитет, тоа ни донесе и успех. Нашата мисија е да дадеме идни македонски репрезентативци кои ќе ја радуваат Македонија во спортот број еден за нас. Сакам да изразам особена благодарност до Алкалоид АД Скопје и Живко Мукаетов, кој како главен покровител ни ги овозможи овие врвни услови за работа. Исто така, голема благодарност до стручниот штаб на чело со Кирил Лазаров како и ракометарите кои максимално се вложија оваа сезона да биде за нас најдобрата и најуспешна до сега. Благодарност до колегите, медиумите и навивачите кои ни беа голема поддршка“, изјави Горан Минов.
Тренерот на екипата Кирил Лазаров зборуваше за предизвиците низ кои минуваше екипата сезонава и ја најави следната сезона во која клубот ќе се стреми за чекор напред и во домашниот шампионат и на eвропската сцена.
„Клубот е формиран пред три години, но ние го одбравме потешкиот, но знам дека е вистинскиот пат, иако се соочуваме со многу препреки. Го одбравме македонскиот пат, работиме добро и за клубот, за државата, за македонскиот спорт и македонскиот ракомет. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме по тој пат иако воопшто нема да биде лесно, затоа што македонската лига од година во година расте. Оваа сезона имавме доминантно претставување во првиот дел, завршивме со 14 победи на 14 меча, а потоа успеавме да освоивме и титула во Купот во кој во неполни 72 часа, чесно и посветено, ги победивме двата најконкурентни тимови. Тоа е голем успех за нас и голема сатисфакција за во иднина дека треба да продолжиме по тој пат и да веруваме, но истовремено да знаеме дека патот ќе биде уште потежок. Завршивме на третото место во плејофот, излеговме во Европа, за нас Европскиот куп на ЕХФ, е вистинскиот и се надевам дека таму ќе бидеме повеќе конкурентни и ќе минеме повеќе кола. Но, морам да истакнам дека посебно ми е драго што успеавме да направиме успеси во младинските категории. во иднина апелирам до раководството на клубот уште повеќе да се вложува во овие категории затоа што тоа е иднината на македонскиот ракомет. Апел до другите клубови да не гледаат конкуренти во нас, туку да инвестираат во млади играчи, затоа што само така може ракометот да го задржи приматот спорт број еден во Македонија.“, изјави Кирил Лазаров.
Капитенот Игор Ѓорѓиев изјави дека е горд што крај себе има соиграчи-професионалци и на сите им честита за успехот во сезоната на која се спушта завесата.
„Завршуваме една успешна сезона на РК Алкалоид. Нашиот тим сезонава го донесе првиот трофеј во витрините на клубот, тоа е Купот на Македонија, успех на кој посебно сме горди. Игравме и во Европската лига на ЕХФ каде имавме шест квалитетни натпревари со кои стекнавме големо искуство и за нас како млада екипа ќе ни служи многу за наредниот период. Следната сезона повторно ќе играме во Европа, јас како капитен можам да кажам дека сме задоволни од покажаното и нашето издание. Наша главна цел е да играме добар, пред се европски ракомет и со тоа да ја радуваме нашата Македонија. Благодарност до условите кои ни ги овозможи Алкалоид, благодарност до соиграчите кои беа големи професионалци и големи работници. На крајот најмногу сакам да се заблагодарам на нашата публика која неуморно не бодреше цела сезона, со таква поддршка ветуваме борба, залагање и многу поголеми успеси“, изјави Игор Ѓорѓиев.
По обраќањето на присутните, РК Алкалоид им додели подароци и се поздрави со двајца ракометари. Левото крило Дарио Кофилоски и голманот Виктор Василевски си заминуваат од нашиот колектив. Клубот им се заблагодарува за досегашниот придонес, лојалност и посветеност и им посакува успех во натамошната кариера.
РК Алкалоид предвидено е да ги почне подготовките за новата сезона на 25 јули.