Рачни изработки од минатото ќе бидат дел од современи модни парчиња и модни додатоци, во рамките на проект од национален интерес поддржан од Министерството за култура. Координаторот на проектот, модната дизајнерка Сара Милевска, за МИА појаснува дека проектните активности ги спојуваат уметноста, екологијата и хуманоста.
Со користење на текстилниот отпад како уметничко средство за изразување, вели таа, се привлекува вниманието на прашањето за отпадот од текстил, како тешко распадлив материјал, што е еден од главните придонесувачи за загадувањето на животната средина. Милевска истакнува дека фокусот на оваа иницијатива е соочување со овој еколошки проблем на локално ниво, тиквешки регион, што преку креативно и уметничко изразување ќе придонесе за решение на овој проблем. Проектот, додава таа, претставува мост помеѓу богатото наследство од минатото и современата мода.
Првата фаза на овој проект е истражување и собирање на податоци за старата традиционална текстилна уметност, таписерии, везови, прекривки, гоблени, плетенини, килими и слично, од подрачјето на тиквешкиот регион. Истражувањето ќе се спроведе од нејзина страна како експерт за моден дизајн во соработка со локални музеи, етнолози и граѓани од постарата популација.
Милевска нагласува дека комбинацијата на стара традиционална текстилна уметност со модерен дизајн на облека, не само што оддава почит на културното и уметничкото наследство на овој регион, туку и ја ревитализира истата преку нова и современа примена.
- Втората фаза има за цел да ги зачува и пренесе традиционалните текстилни и занаетчиски техники на младите генерации преку работилници и едукативни програми, наменети за рециклирање и апциклирање на текстилен отпад за создавање на креативни модни парчиња, вели таа. Работилниците што ќе се реализираат шест месеци ќе бидат спроведени од нејзина страна како експерт за моден дизајн. Целта е, подвлекува Милевска, да им помага на учесниците да создадат уникатни модни парчиња што го спојуваат стариот шарм со современата естетика со фокус на создавање издржливи парчиња, што се спротивставуваат на брзиот моден тренд. Таа споделува дека оваа иницијатива подава рака и на социјално загрозените поединци на кои им е потребна помош. - Третата фаза од оваа иницијатива е делот каде колекцијата од уникатно создадени модни парчиња како финален производ од работилниците ќе послужи за собирање финансиски средства наменети за социјално загрозени поединци од овој регион. Уникатните уметнички парчиња ќе бидат достапни за јавноста преку хуманитарна изложба која ќе биде од аукциски карактер. Со оваа иницијатива сакаме да создадеме пазар за културно значајна, рачно изработена облека од хуман карактер што ќе се прошири и надвор од овој регион, истакнува Милевска. Ова, вели таа, не е само моден проект, тоа е културно движење. - Ја слави убавината и уметноста на традиционалниот текстил, додека промовира одржливи и етички модни практики што имаат хумана цел. Со спојување на старите традиции со современ дизајн, ги премостува минатото и сегашноста, создавајќи трајно влијание врз светот на модата и културното зачувување, додава модната дизајнерка од Кавадарци. Проектот е во рамките на регионалното еколошко друштво ,,Еко - живот".