Модули за мировно образование во средното образование се содржани во публикација на седум јазици која беше промовирана денеска во организација на Детската амбасада „Меѓаши“.

Модулите се резултат на повеќегодишна соработка со граѓански организации и со Министерството за образование и наука, а целта на нивното креирање е градење мир, ненасилство и унапредување на процесот на учење за мир. Очекуван резултат е дека соодветната употреба на овој практичен материјал во училиштата ќе доведе до подобрување на училишната клима, намалување на врсничкото насилство и конструктивно справување со него.

Содржината на модулите е достапна на веб-страницата на Министерството за образование и наука и сите заинтересирани наставници може нив да ги воведат во предавањата на своите наставни предмети. Материјалот нуди четири модули од областа на мировното образование: Ненасилна комуникација, Управување со конфликти, Врсничка медијација и Ненасилство и насилство.

Драги Змијанац од Детската амбасада „Меѓаши“ рече дека модулите се добра алатка за превенирање на потенцијални конфликти и очекува материјалот да биде чекор напред кон воведување/реализирање на Мировното образование во наставните планови и програми или во животот и работата на училиштата за средно образование.

Истакна дека модулите се прв пример на Балканот една граѓанска организација во соработка со координативно тело, во кое се вклучени претставници од НВО и од МОН, Бирото за развој на образованието и Државнот просветен инспекторат, и со помош на авторите, да се отпечатат и се стават на веб-страницата на МОН.

-Сериозно општество кое сака да води грижа за децата и учениците мора да посвети многу повеќе внимание за превенцијата од самоповредување, од врсничко насилство, осаменост, отуѓеност, сајбер-булинг со кои се среќаваат децата. Една од алатките која може да се искористи во таа насока се токму модулите што денеска ги промовираме и се отпечатени на седум јазици, достапни за сите етнички групи, за да може наставниците да ги користат во времето кое децата го поминуваат во училиште. Тие се од шест до осум часа во училиште, тоа се над 200 дена и затоа се очекува, кога веќе се препуштени на воспитно-образовниот кадар, тој да работи со нив за сите проблеми со кои се соочуваат и да ги решаваат заедно. Ова е добра можност за таков пристап, изјави Змијанац.

Апелираше модулите, кои се достапни на веб-страницата на МОН, да бидат преземани од наставниците и, иако не се задолжителни, да бидат вклучени во програмите.

- Затоа ние градиме активна мрежа на професори, над 300, кои се вклучени и тие се многу добри едукатори и работат со учениците, и се добар репрезент дека преку обуки може да се направи успешен обид наставниците на локално ниво да може да бидат активни во трансформација на конфликти, додаде првиот човек на „Меѓаши“.

Државниот советник во МОН и член на координативното тело во „Меѓаши“ Сафет Незири истакна дека модулите за мировно образование се трајно решение за надминување на сите недоразбирања и конфликтни ситуации, врсничко насилство и радикално однесување на децата и младите.

-Во тесна соработка со „Меѓаши“ изготвивме модули, на кои ќе бидат насочени децата и самите наставници, за тоа како да се обработат некои теми кои се од општ интерес и за учениците, и за наставниците, и за општеството – како да се надминат разликите, стресните и конфликтните ситуации. Со овој механизам, со модулите за мировно образование, фактички веќе е постигната целта, изјави Назири.

Како што рече, било незамисливо модулите да се институционализираат односно да се воведат на веб-страницата на МОН и дека тоа е постигнато по долгогодишен период на соработка меѓу „Меѓаши“ и МОН.

-Благодарение на разбирањето на министерот Јетон Шаќири, ги внесовме и сега е на добрата волја на самите наставници да ги спроведуваат овие активности. Има огромен интерес кај наставници, а заинтересирани се и самите ученици. Значи, сега следува чекор во кој можеби ќе ни треба повеќе време – добро би било идниот министер за образование да го има ова предвид, за добробит на децата, овие модули за мировно образование - не да има посебен наставен план, учебник или предмет, туку овие модули да се внесат во самите предмети, да бидат задолжителни за да се институционализираат 100 отсто во образовниот систем. Не само во средното, туку и во основното, а зошто да не и во високото образование, додаде Незири.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2024 14:35