Во изминатите неколку дена во Општата болница со прширена дејност во Дебар, антивиперин, серум против змиски отров, добиле две лица странски државјани, со што се спасени нивните животи.

-Во едниот случај станува збор за лице од соседните албански населени места, во чии амбуланти во моментот немало серум, а додадено на тоа поради фактот што нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, потребната помош се дава побрзо и навреме. Доколку во период од 3 до 4 часа не се добие ваков серум настапува смрт, рече за МИА, директорот Јетлумт Пашоли.

Вториот случај, како што посочува, бил вчера, а неофицијално се работи за холандски државјанин, кој бил на одмор во Охрид.

-Колегите од општата болница од Охрид, кои не располагале со серум, ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет, да помогнеме. Времето беше во прашање, кое не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санителско возило од охриската болница пациентот беше донесен кај нас, прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид, додава Пашоли.

Според него, имајќи го предвид периодот на појава на змии, навреме се снабдиле со потребниот серум, посака да нема потреба, но, изрази подготвеност да се помогне доколку затреба.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2024 14:55