За теми од животната средина во нашите медиуми недоволно се известува и новинарите не се специјализирани да креираат приказни од оваа област. Животната средина речиси не постои како сектор во македонските медиуми за разлика од светските, па и регионалните, кои имаат и редовни секции/теми за кои известуваат секој ден.
На настан што денеска го организираше Македонскиот институт за медиуми (МИМ) за новинари, уредници, претставници на граѓанските организации и активисти, беа споделени начини за ефективно известување за климатските промени и животната средина и за клучните принципи на одговорното новинарство, вклучувајќи ја точноста, правичноста и транспарентноста.
Присутните имаа можност да дознаат како да се известува за овие комплексни теми на различни медиумски платформи и да се запознаат со најдобрите практики во известувањето за климатски вонредни состојби, обезбедувајќи практично знаење и стратегии за ефективно раскажување приказни.
Новинарот со долгогодишно искуство во оваа област Александар Манасиев истакна дека кај нас темите што доаѓаат од странски медиуми и се однесуваат на извештаи од светски организации, како на пример за влијанието на глобалното затоплување врз здравјето на луѓето, не се локализираат туку често се пренесуваат во целост онака како што се објавени изворно.
Точно е дека глобалните медиуми имаат ресурси, рече тој, но тоа не значи дека нашите медиуми не треба да ги препознаат овие важни прашања како наша потреба и да ја локализираат приказната. Посочи неколку стратегии за локализирање на глобалните приказни при што основно е каков е импактот врз локалното население. Притоа, на приказната/темата може да и се пристапи од различни агли, но да се избере еден кој ќе се разработи – на пример какво е влијанието на зголемувањето на температурата врз здравјето, економијата, миграциите, културата итн.
Исто така, приказната да има локален контекст, на пример да се известува за влијанието врз одгледувањето земјоделски култури специфични за некој регион или некоја микроприказна за одредени животински видови, како на пример рисот или пастрмката. Притоа, рече Манасиев, важно е да има емотивно поврзување т.е. приказната секогаш да биде со конкретно лице кое има реален проблем.
-Мора да се најде локален контекст за да се загрижат луѓето, но тоа не значи тие да се исплашат и да се предизвика паника, туку да се информираат и едуцираат и да се поттикнат на преземање акција во рамки на нивните можности, рече Манасиев.
Новинарите кои работат на овие теми ги советуваше да ги знаат домашните правни регулативи и законите и да ги следат извештаите на светски организации кои третираат прашања од екологијата.
Глобалните податоци да се соопштуваат во контекст разбирлив за граѓаните, за да им бидат јасни последиците од одредени појави, како на пример што конкретно значи зголемувањето на просечната температура од (само) 1 степен. Корисно е, рече, и да се прават споредби кога се пишува за бројки - на пример, ако се пишува за загубени финансиски средства да се направи споредба што би се купило со тие пари, или пак, кога се пишува за загубени шуми во површина, да се спореди со конкретни објекти за податоците/бројките да имаат опиплива големина. На настанот презентација имаше и Јадранка Иванова од Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени, правник и експерт за екологија која 20 години работела во Министерството за животна средина и просторно планирање. Таа се осврна на механизмите за соработка на граѓанските организации и новинарите за ефективно медиумско известување. Посочи дека алатките што ги има НВО-секторот се корисни за новинарите затоа што им даваат нова перспектива и поголема стручност за разработка на овие теми. -Информацијата за јавноста треба да биде лесно разбирлива затоа што животната средина и климатските промени се комплексни области, рече Иванова која советуваше новинарот секогаш да се праша дали неговата информација ќе влијае на подобрување на одредена состојба и на наоѓање соодветно решение. Препорача новинарите да имаат редовна комуникација со граѓански организации, но да препознаат дали нивниот однос кон одредени проблеми е критички или поттикнувачки. Како што рече, не сите граѓански организации се квалитетни и стручни и не секоја од нив е валиден соработник. Иванова ја нагласи важноста од обуки, семинари и вмрежување во регионални мрежи. Новинарите треба добро да ја знаат домашната легислатива затоа што, рече, имало случаи кога се објавуваат написи при што авторот/новинарот не е запознат кои се надлежностите на МЖСПП, општината или приватниот сектор. Како пример го посочи управувањето со отпад за што одговорноста е кај локалната самоуправа, иако некои медиуми во своите објави го посочиле Министерството. Настанот се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“ што се спроведува преку проектот SMART Balkans – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, финансиран од Министерството за надворешни работи на Норвешка.