Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС) денеска одржа седница на Генералното собрание, на која покрај големиот број на градоначалници, присутен беше и мандатарот за формирање на новата влада, Христијан Мицкоски, како и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Мицкоски во изјава за медиумите посочи дека целта на новата влада ќе биде во мандатот од четири години, преку општините да ги реши егзистенцијалните проблеми на 400 илјади домаќинства, бидејќи како што рече, голем дел од капиталните проекти кои што ги имаат како потреба граѓаните, ќе бидат реализирани преку општините.
– На граѓаните им е преку глава од бајки, басни и ветувања за големи работи, а ништо не се случува. Нашите граѓани имаат основни егзистенцијални проблеми, во центрите на поголемите урбани средини се гази во кал, ниту 20 проценти од територијата е покриена со организирани канализациски системи, системи за одведување на отпадни води, да не зборувам за нивни прочистување. Имаме средини каде што немаме ниту питка вода за пиење, имаме руинирани детски игралишта, гледате каква е состојбата со демографијата во Македонија, за неколку години за 30 проценти е намалена бројката на дечиња кои што се раѓаат, имаме руинирани училишта, долги листи на чекање во градинките, рече Мицкоски.
Тој ги повика сите градоначалници, без разлика од која политичка партија доаѓаат, да работат на проекти до нивно одобрение и да одговорат на повикот кој ќе биде објавен до првата половина на септември, со кој владата ќе обезбеди минимум 100 милиони евра.
– Она кое што јас можам да го кажам, а планирам да го повторам на овој преубав настан, е да бидат подготвени сите градоначалници без разлика од која политичка партија, без разлика дали се од ВМРО-ДПМНЕ, дали се од СДСМ, ДУИ, Алијанса, БЕСА, или од друга политичка партија, или пак се независни, да работат на проекти до одобрение за градба, на есен во првата половина на септември, а можеби ако биде секако што треба со ребалансот во втората половина на јули месец, уште во август месец ќе биде објавен повикот за оваа година минимум 6 милијарди денари, минимум 100 милиони евра, иако јас се обидувам да обезбедам и денар повеќе, рече Мицкоски.
Во врска со законската регулатива која ќе се најде во Собрание, да може Советот на општините да избира в.д. градоначалник, во случаи кога одреден градоначалник влегува во законодавниот дом или добива мандат за министер, претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, вели дека ја поддржува ваквата иницијатива, бидејќи како што рече, со ваквата законска регулатива ќе се скратат трошоците на општините.
– Доколку одреден градоначалник влегува во Собранието на Република Македонија или пак добива мандат за министер, тоа би значело дека за многу скоро би требало се одржат уште едни предвремени избори и за година дена од сега уште едни редовни избори. Така што со оваа законска регулатива ќе се скратат трошоците и во услови како минатото нефункционални се општините и на овој начин ќе се овозможи функционалност на општините, рече Ѓорѓиевски.