Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан бајрам, во Дебарско, во тек е продажба на овни и овци кои се принесуваат како курбан за овој празник, кој годинава се паѓа в недела, на 16 јуни.
Според Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“, во кое членуваат сточари од општините Дебар и Центар Жупа, годинава за продажба се над 3 илјади грла овни и овци.
-Во тек е продажбата и можат да кажам дека има голем интерес. Годинава за продажба имаме над 3 илјади грла а едно грло го продаваме од 130 до 300 евра, што зависи од возраста на добитокот и тежината. Цената е речиси идентична како и минатата година. До денеска претпладне имаме продадено околу 2.200, но по традиција последните денови пред празникот побарувачката е поголема, додава Аме за МИА.
Продажбата се врши во дел од стариот градски пазар, а како и изминатите години, нагласува тој, освен дебрани купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар.
Курбанот, според верниците, се коле првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.
Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина, во Саудиска Арабија, се реализира петтиот столб на исламот-аџилакот.
Од земјава на аџилак се 2.020 верници, од нив 100 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, односно подрачјето на Река.