Под мотото „Најхумани меѓу хуманите“, а по повод 14 јуни – Светскиот ден на крводарителството, во Општинската организација на Црвен крст од Виница денеска им беа доделени награди и признанија на најдобрите крводарители од општината.
На свеченоста беше истакнато дека планот за крводарување за 2023 година е натфрлен за 300 отсто, со што виничките крводарители се меѓу најдобрите на Балканот. Потврда за тоа е се евидентираните триесетина крводарители со над сто дарувања, а посебна гордост е што тројца од нив веќе го надминале прагот од 150 крводарувања со што се вбројуваат меѓу рекордерите во светски рамки.
-Горди сме што веќе половина век нашата хуманост преку крводарителството е препознатлив белег за Виница, не само во рамки на државата, туку и пошироко. Најзаслужни за тоа се граѓаните кои се подготвени да им помогнат на сите лица кои се нашле во тешка здравствена ситуација, поради што неизмерно им благодариме. Традицијата на големото виничко семејство на крводарители ја продолжуваме и понатаму, преку мотивирање на младите и пренесување на хуманата порака од генерација на генерација. Задоволството е големо кога гледаме дека посебен интерес има меѓу средношколците, кои откако ќе наполнат 18 години доаѓаат кај нас за да даруваат крв. Тоа значи дека се создадени семејни навики што им ги пренесуваат нивните родители, роднини и пријатели, истакна Кирил Цоневски, секретар на Црвен крст – Виница.
Посебно признание за над 170 крводарувања му беше доделено на Бајрам Мустафов, а наградени беа и Благој Николов и Цанко Анастасов кои досега учествувале на над 160 крводарителски акции.
За покажаната хуманост на виничките крводарители и годинава македонскиот Црвен крст им го додели признанието за исполнување на планот за минатата година.