Полјоделците од сите региони здружени во Националната мрежа на земјоделци на состанокот во Свети Николе заклучија дека откупната цена од 30 денари за килограм пченица, односно лебно зрно, може да ги спаси од загуба. Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци, вели дека направиле пресметка според која произлегува дека производната цена на пченицата и јачменот е 19 денари за килограм.

-На состанокот дојдовме до следните заклучоци и тоа дека според наша проценка производна цена за килограм пченица и јачмен е 19 денари. Економско оправдана цена за оваа година е 30 денари. Се останато што ќе биде под 30 денари не води во загуба, рече Каркашев.

Тој истакна дека во наредниот период полјоделците очекуваат и Земјоделскиот институт при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ да ја изготви годинашната производна цена која ќе одговара со нивната пресметка, а тоа е 19 денари за килограм. Националната мрежа на земјоделци бара итна средба со новата Влада.

-Очекуваме активно да се вклучат институциите и како медијатори да не седнат и да разговараме со откупувачите, за да се најдеме на средина, бидејќи вака ако продолжи дефинитивно ќе се откажеме од производството на житарици, рече Каракашев.

Производителите на житни култури велат дека жетвата на јачменот веќе е почната во Овчеполскиот регион, втората по големина житница во земјава.

-Стартот е веќе почнат, приносите се многу намалени. За разлика од лани годинава се движат од 1500 до 3000 кг. на хектар што е многу малку, а за сметка на тоа купувачите нудат мизерни цени од осум денари што се далеку под производните цени, а не пак да оствареме некаква добивка, рече Каркашев.

Тој додаде дека доколку полјоделците немаат помош оваа година, може да се случи за наредната година да се намалат површините со житни култури.

Македонските земјоделци годишно произведуваат околу 250 000 тони пченица. Овие приноси не се доволни, па за да се покријат основните потреби на населението, секоја година повеќе од 100 000 тони пченица увезуваме од странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2024 15:50