Со одржување на фестивалот на традиционална храна, обичаи и култура „Дојран гурман фест“, вчера во Дојран беше означен почетокот на новата туристичка сезона.
Со богато мени и настап на естрадни уметници, како и фолклорни анасамбли, Дојран покажа дека е подготвен за туристичката сезона, која се очекува да биде подобра од претходните.
– „Дојран гурман фест“ е заштитен знак на Дојран, бидејќи преку традиционалната храна, обичаи и култура го промовираме нашето езеро, како место со чист воздух, со прекрасна природа и медитеранска клима, велат од Општина Дојран.
Заедно со фестивалот се одржа и дводневното национално првенство во организација на Триатлон федерацијата на Македонија, помогнато од Општина Дојран, Агенцијата за млади и спорт и Македонски Олимписки комитет.