Земјоделците од Овчеполскиот регион со трактори го блокираа експресниот пат Штип-Велес. Револтирани се што земјоделските култури засеани на нивните ниви се жедни за вода, бидејќи од вчера повторно немаат вода за наводнување од Хиддросистемот „Брегалница“.
Драги Павлов од село Црнлиште вели дека земјоделските површини на кои одгледуваат детелина, бостан, лозја, пиперки, патлиџани се оставени без вода, со што како земјоделци трпат штети и годинава ќе им бидат намалени приносите. Забележува дека околу земјоделците од 15 села во општините Свети Николе и Лозово со децении имаат проблеми со наводнувањето од ХС „Брегалница“, а какошто вели Павлов надлежните од овој систем за наводнување не се придржуваат на планот за рестрикции на водата за наводнување.
-Во каналот за наводнување нема капка вода и овој народ ќе има последици и бараме водата да ни ја пуштат веднаш. Штетите на земјоделските култури се огромни, имаме површини каде што нема ниту капка вода за наводнување, а сите плаќаме воден надоместов, вели Павлов.
Земјоделецот Владо Здравковски се пожали дека со децении е истиот проблем за земјоделците од Овче Поле.
-Се изгоре и веќе е ова срамно за оваа држава. Мицковски да ги слушне земјоделците од овој регион, вели Здравковски.
Земјоделците кои со својата механизација го блокираа експресниот пар Штип-Велес бараат решавање на проблемот со наводнувањето на нивите во Овчеполскиот регион. Во текот на попладневните часови ќе имаат состанок,на кој ќе одлучат на кој начин ќе го изразуваат својот револт. Инаку денеска половина час беше целосно блокиран ескпресниот пат Штип-Велес, по што беше ослободена една колововна лента и сообраќајот го регулираа полициски службеници. Директорот на АД Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов вчера за МИА потврди дека водата е запрена водата за наводнување за Овчеполскиот регион и се следи планот за наводнување.
-Имаме рестрикции на водата и план за наводнување, изминатиот период во Светиниколско имавме неколку дефекти на системот за наводнување, успеавме да ги решиме, за време на викендот земјоделците имаат вода да ги наводната своите ниви, кои според пријавеното треба да бидат околу 3.000 хектари, вели Богатинов.
Тој посочи дека во моментов водата од системот за наводнување сега се пренасочува кон нивите под ориз во кочанско-виничкиот регион, бидејќи по прскањето на нивите под ориз сега е потребно да бидат наполнети со вода. Богатинов забележа дека станува збор за стар систем, на кого му треба санација, но и долгоречно решение, какошто е изградба на цевковод до селата во Овче Поле, за да нема загуби или кражби на водата за наводнување, а ова регионалната подружница кубури и со стручен кадар.