Кумановскиот театар освои награда за колективно уметничко остварување на 34-тиот Фестивал во Враца, Бугарија, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. На Фестивалот за малите театарски форми во Враца, Театар Куманово освои награда за колективно уметничко остварување за претставата „Драма изгубена во времето“.

- Жирито во состав на истакнати театарски критичари и експерти: Калина Стефанова, Аве Иванова и Владимир Петков одлучи наградата за комплетно уметничко достигнување за претставата да ја додели на Театар Куманово. Жирито ја образложи одлуката со фактот што претставата како целина достигнала одлична комуникација со публиката и совршената драматуршка вклопеност на целокупното дејство, информираа од театар Куманово.

Текстот е на Сашко Насев во режија на Владлен Александров. Во претставата играат Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ и во улога на гостин во краткиот филм актерката Александра Пешевска. Драматургијата е на Симона Тоскиќ, сценографија Крсто Богојевски и костими Кети Пауновска Стевковска. Продукција на видеофилм е на Никола Поповски, а визуализација Емил Пачковски. На Фестивалот играле четиринаесет претстави изминативе седум дена на две сцени во Театарот во Враца.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2024 16:11