Земјоделците од Светниколско ја одложија денешната блокада на експресниот пат Штип-Велес кај местото викано „Овче Поле“, поради тоа што немаа вода за наводнување. Драги Павлов за МИА вели дека водата за наводнување од Хидросистемот „Брегалница“ утринава пристигнала до земјоделските површини во селата Мустафино и Ерџелија.
Директорот на Водостопанство „Брегалница“, Благојчо Богатинов во изјава за МИА потврди дека е пуштена водата за наводнување до селата Мустафина и Ерџелија во Општина Свети Николе. Но и понатаму останува проблемот како да се задоволат потребите на земјоделците во Кочанско и Светиниколско, бидејќи во моментов потребно е полнење со вода на нивите под ориз.
Посочи дека на дневна основа ќе се одлучува како ќе се решаваат потребите на земјоделците од двата региони. Вода за наводнување во езерото Калиманци има, но поради старата мрежа и каналите за наводнување на ХС „Брегалница“ водата не пристигнува до земјоделските површини во одредени региони.
Земјоделците од Општините Свети Николе и Лозово и на вчерашниот протест и блокада на експресниот пат со земјоделската механизација повикаа државата да најде средства и да инвестира во стариот систем за наводнување, бидејќи ако под итно не се реконструира тогаш овој систем кој дава живот и егзистенција на земјоделците од Виница, Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево, Карбинци, Штип, Свети Николе и Лозово во рок од пет години ќе биде надвор од употреба. Проблем со наводнувањето се прави и од несовесни земјоделци, кои ја крадат водата за наводнување