Архивската документација на НУ Охридско лето, значајна за зачувувањето на документарното богато наследство, првпат ќе биде предадена во Охридскиот Архив. Согласно Меморандумот за соработка помеѓи НУ „Охридско лето“ и Државниот Архив, како и меѓусебниот договор помеѓу двете институции, архивската документација на НУ „Охридско лето“, од нејзиното создавање до денес, беше во целосна процедура на средување и обработка, информираат од НУ „Охридско лето“.
Тимот на охридскиот Архив во неколкумесечни активности успеал во целост да ги изврши архивските процедури со што дел од трајната документација во законските рамки ќе биде предадена на трајно чување во Архивот - Охрид.
-Свесни за значењето на богатата историја на „Охридско лето“ пристапивме кон еден, за нас голем чекор, со кој трајно ќе ги сочуваме сведоштвата на сѐ она што генерации пред нас макотрпно го создавале. Сакаме да оставиме неизбришлив траг за идните генерации градејќи цврсти темели со кои Фестивалот „Охридско лето“ создава вековна отвореност кон културите и размената на светските добра. Посакувам и верувам дека нашата соработка ќе продолжи и следните години со што заедно ќе ја градиме богатата културна традиција на „Охридско лето“, истакнала директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
Поповиќ изразила огромна благодарност за поддршката што ја дава Охридскиот Архив која, како што додава, дава уште поголем мотив да се негува уметноста, но и да се гради патот кон поголем културен развој.
Од Архивот во Охрид истакнале дека културното пишано богаство на манифестацијата „Охридско лето“ претставува ризница од која може да црпиме културен благодет.
-Архивот ќе се погрижи преку преземањето на средената документација во целост да се чува во соодветни услови и да се презентира пред поширокиот аудиториум во научни цели. Знаејќи го значењето на документацијата, исто така, пред нас постои цел за целосно дигитализирање на истата, впрочем како што Архивот направи со документацијата од „Струшки вечери на поезијата", вели раководителот на Подрачното одделение на Државниот Архив во Охрид, Никола Митровиќ-Бабе.
Тој изразил благодарност до сите вработени во Архивот и НУ „Охридско лето“ што, како што истакнал, несебично и сложно работеле кон средување на целокупната документација.
-Се разбира и огромна благодарност за директорката Наташа Поповиќ која покажа интерес за важноста на документацијата од институцијата со која раководи“, истакнал раководителот Митровиќ- Бабе