Враќање на внатрепартиската демократија со директен избор на општински раководства и ефикасна интерна комуникација на општинските организации и централата, како и прекин на влијанијата на централата во Скопје особено во поставување кадровски решение, бараа членовите во Тетово и Гостивар на средбите со Јован Деспотовски. Ова се и постулатите на програмата Нов почеток, нов СДСМ на Деспотовски со која се предвидува сериозна реформа на партијата со цел да се врати интегритетот и местото во општеството кое и припаѓа.

- Секаде каде што одиме во овие две недели се гледа голема енергија. Желба и потреба за промени. Бранот е покренат и нема да запре. Овие избори се шанса да ги промениме работите од внатре. Враќањето на моќта кај луѓето, зајакнувањето на општинските организации во процесите на одлучување се основа на нашиот нов пристап. Одлуките треба да ја одразуваат волјата на нашите членови, а не интересите на неколкумина, рече Деспотовски.

Тој нагласува дека на средбите со членовите низ државата се гледа сериозен бран на незадоволство.

- Гневот и незадоволството од состојбите во партијата се сериозни и изразени. Тоа се манифестира и преку активно учество во процесот, но имате и начин на манифестирање преку бојкот на се што се случува внатре. Луѓето едноставно велат се додека тие луѓе се во таа зграда, јас не влегувам и не учествувам во ништо. Затоа начинот на којшто беше поставен Димитар Ковачевски во 2021 не смее да ни се повтори. На сите им е јасно дека процесот беше се, само не демократски отворен. Малтене го зема за рака и го седна. Против тоа ќе се борам и се борам, рече Деспотовски и додаде дека „сметката од таквата “кадровска политика“ ја плативме сега изборите, и не, немаме луксуз такво нешто да ни се повтори.“

На средбите беа поднесени повеќе предлози во однос на комуникација со општинските организации и централата за да се надмине сегашната состојба и тие ќе бидат вклучени во завршната верзија на програмата Нов почеток, Нов СДСМ. Меѓу другото ќе се воведе пракса еднаш месечно средбите на партиското раководство да се организираат во различен град на кој ќе бидат поканета и општинската организација.

- Ја зајакнуваме отвореноста на СДСМ. Мора да ги научиме лекциите од минатото кога функционерите се отуѓуваа од луѓето што ги бираат. Нема „криење“ од јавноста, од пријателите и соседите. Јавната или партиска функција не смее да не менува, рече Деспотовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2024 17:32