Се наследува презадолжена држава во која претходните влади ја етаблирале корупцијата, како правило, а владеењето на правото станало селективен исклучок. од граѓаните со полно право ќе има очекувања за подобар животен стандард, а во буџетот има огромна финансиска дупка и презадолженост, изјави пратеникот Антонијо Милошоски на собраниската седница за нова влада.

Милошоски истакна дека се наследува хаос во сите институции и претпријатија како ЕЛЕМ, Царина, во образование и здравство, Македонски шуми, Железници, Агенција за водостопанство, Пошта, ФЗО, Судска администрација, се ова е резултат на неуспехот на СДСМ и ДУИ.

Ќе требаат вонредни напори и поддршка од јавноста за државата да се врати во нормален колосек. Мицкоски ќе има тешка задача. Имаме држава во која доминираат корупција и инфлација, а државата ќе треба да се преобрази во нова, нормална со економска но и правна сигурност, рече Милошоски.

Милошоски додаде дека кога сме кај правосудниот систем видовме до кое ниво на деградација беа турнати Судскиот совет и советот на јавни обвинители, а реформите не се само политичка задача туку нужност, доколку сакаме довербата да биде подобрена.

Во надворешната политика, да се продолжи со стратешкото партнерство со САД, ова е начинот преку кој Македонија може да се избори за своите интереси на глобално нив. Министерот во МНР наследува голем неред во институцијата, естрадна дипломатка Бесмира Ејупи стана попопуларна од министерот Османи Треба сериозен тим и луѓе кои ќе знаат на најсоодветен начин да ги пратат пораките до меѓународната јавност, и да се добиваат најдобрите и квалитетни информации од меѓународните центри, а тоа не може да се добие од Љубомир Фрчковски и Весел Мемеди, нагласи Милошоски.

Милошоски потенцираше дека ќе има тешки битки во меѓународната политика имајќи го пристапот кои Грција и Бугарија го имаат кон Македонија.

- Ако забележите во последниве неколку дена има координирани напади едниот од внатре од СДСМ, а вториот од Мицотакис од Атина по однос на Преспанскиот договор и тоа да биде биполарноста поизразена, во Македонија нападите доаѓаат од оние кои го потпишаа овој договор. Во однос на Бугарија преговарачката рамка дополнително и непотребно беше оптоварена со Вториот Протокол со кој Османи се согласи историјата да биде критериум и ова ќе биде предизвик со кој ќе треба да се бориме, изјави Милошоски



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2024 18:00