Како последица на невремето што во попладневните часови го зафати Полошкиот реон проследено со силен дожд и град, на телефонскиот број на Центарот за управување со кризи (112) пристигнати се голем број пријави за поплавени подрумски простории, одрони, поплавени подвозници и улици, прекини на електрична енергија, паднати дрвја и друго.
Како што соопштија од ЦУК, екипи на ЈКП Тетово и ТППЕ Тетово вечерва интензивно работат на нормализирање на состојбата, а сите патни правци се проодни.
-Од страна на ЈКП Тетово сме известени дека подвозникот на влезот во Тетово од кај Скопје кој беше поплавен и непрооден сега е прооден и сообраќајот се одвива редовно. Заглавеното возило од ТППЕ Тетово нај истиот подвозник е тргнато. Исто така, од страна на ЈКП исчистена е шахтата која го блокираша патот кај касарната во Тетово и истиот патен правец сега е прооден, а исто така и патот од кај Спортскиот центар што оди кон касарната од страна на ЈКП е исчистен и прооден, се наведува во соопштението.
Од страна на ЈКП Тетово во најкоро време, се посочува, ќе се интервенира на влезот на Општина Желино каде на подвозникот запушена е шахтата и има насобрано околу два метри вода. Се очекува истиот да биде прооден во наредните часови. Во разговор со шефот на кабинетот на градоначалникот на Општина Желино не извести дека цистерна од ЈКП сеуште не е дојдена и се интервенира со екипа од Комуналното претпријатие од Општина Желино со една пумпа и се очекува на помош да дојде едно возило цистерна од приватна фирма.
Од ЦУК засега немаат добиено информации за излевање на вода од реките и потоците во полошкиот регион како што се Доброшка Река, Поројска Река, Пена, Вардар и останатите.
Од страна на раководителот на РЦУК Тетово Арлинда Мухареми известени се дека раководителот на ДЗС Беким Максути формирал екипа за помош на погодените реони во Тетово и околината опремена со пумпи и останата опрема и тие ќе се вклучат во помош на населението во најкраток можен рок.
Поради невремето голем дел од Тетово како и околните населени места се без електрична енергија. На сите пријавители на поплавени куќи и подруми од страна на ЦУК, како што наведуваат, им е сугерирано да ја исклучат електричната енергија во својот дом за да не дојде до спој и несакани последици се додека не се испумпа водата од полпавените објекти. Во реоните каде што се интервенира од страна на ТППЕ Тетово и ЈКП Тетово во испумпување на водата, а каде што има проблеми со електричната енергија (паднати бандери, искрење и друго) во координација со ЕВН ќе биде исклучена струјата во времетраење на испумпување на водата од објектите.
Во ЦУК бил пријавен случај на повредена жена чија куќа била поплавена во Тетово. Слегувајќи по скалите во подрумот сопственичката се лизнала по скалите и се здобила со полесни повреди на главата и крварење на истата. Од наша страна е пријавено на Брза Помош кои интервенираа и на повредената и е укажана медицинска помош.
Исто така има пријавено одрони и паднати дрвја на неколку патни правци.
-На патниот правец Скопје - Тетово поточно на километар до с.Групчин-Општина Желино. Од наша страна известени се Македонија пат, кои рекоа дека ќе пратат екипа за да го исчисти одронот. На патниот правец Гостивар - Маврово пријавено е дека има паднато дрво кај хотел Империјал. Известени за настанот се Македонија Пат кои ќе интервенираат во отклонување на истото. Паднато дрво има и на патниот правец Брвеница Гостивар кај фармата Единство во с.Челопек и искинати се кабли од електрична енергија. Известени се ЕВН како и ПС Жеровјане кои ќе пратат екипа и по пристигнување на местото на настанот ќе не информираат за моменталната состојба. По пристигнување на екипата од ПС Жеровјане добиена е информација дека не се работи за кабел од електрична енергија туку за телефонски кабел кој не претставува опасност по луѓето, наведуваат од ЦУК.
Пријава за паднато дрво има и во с.Сараќино-Општина Тетово врз жици на далековод на ел.енергија. Од наша страна известена е дежурната служба на ЕВН на која им е сугерирано да го исклучат целиот извод за да може да се тргне дрвото и санира проблемот со електрилна енергија. Од страна на Градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски сме известени дека во с.Сиричино има поплавено 10 тина куќи подрумски простории и дворови. Истиот бараше помош од ТППЕ Тетово , но поради проблемите настанати во градот ТППЕ Тетово не се во можност да помогнат во реонот на Општина Јегуновце.
Моментално ТППЕ Тетово со 15 пумпи и сите расположиви сили интервенира етапно во градот и поради големиот број на пријавени настани не се во можност веднаш да интервенираат на сите места. На пријавителите од наша страна им е сугерирано да имаат трпение. Моментано до сега пријавени поплавени подруми, куќи има од с.Јегуновце, с.Сиричино, с.Желино, ул.Јордан Златаноски, ул. Дервиш Цара, ул.141, ул. Предраг Јанчески, ул.171 ул.146, ул.Мехмет Паша Дерала, ул.151, ул. Фуштанска, ул.Кумановска, ул.Мирче Ацев, ул.Благоја Тоска, Блок 70, ул.118, Населба Тетовчанка и Населба мала Речица сите од Општина Тетово.
Во разговор со дежурната служба на ЕВН добиена е информација дека моментално се врши проверка на мрежата и доколку е се во ред ќе се пушти струја, стои во соопштението од ЦУК