Во селото Слоештица денеска се одбележаа 90 години од раѓањето на македонскиот поет и раскажувач Петре М. Андреевски, во организација на Македонското научно друштво – Битола, при што претседателката на друштвото, Невена Груевска и амбасадорот на Европската делегација во земјава, Дејвид Гир положија цвеќе на гробот на Петре М. Андреевски.
По положување на цвеќе Груевска и Гир имаа обраќања на настанот, и посебно беше акцентирана големината на Петре М. Андреевски како еден од најзначајните македонски поети, раскажувачи, романописци и есеисти, кој дал посебно важен приднес во градењето на македонскиот национален идентитет и македонската современа книжевност.
Претседателката на друштвото во знак на благодарност за отстапениот простор, на претставниците на Задружниот дом во с. Слоештица им врачи книги, донација од издавачката дејност при МНД – Битола, како и од Педагошки факултет – Битола, со цел збогатување на фондот на книги на библиотеката во с. Слоештица.
Настанот беше збогатен со рецитал на избрани песни од богатиот поетски опус на нашиот поетски македонски великан, посебно од неговата најпрочуена стихозбирка „Дениција“.
Со цел присутните поблиску да се запознаат со ликот и делот на Петре М. Андреевски, на настанот се одржа и квиз со едукативен карактер, подготвен од студенти на Педагошки факултет – Битола. На учесниците во квизот, претседателката на МНД – Битола им врачи книги од и за Петре М. Андреевски, донација од издавачката куќа Арс Ламина.
-По завршувањето на рециталот и квизот, присутните се поканети од страна на семејството на Петре М. Андреевски, во Арт Поинт – Гумно, каде свечено ќе биде откриена скулптура од познатиот македонски уметник Никола Пијанманов, инспирирана од „Песна за мојата песна“ објавена во безвременската поетска збирка на Петре М. Андреевски, „Дениција“, соопштија организаторите.
Настанот е во организација на Одделението за лингвистика и литература при Македонското научно друштво – Битола. Со-организатори на настанот се Педагошки факултет – Битола, Ректорската управа на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Студенскиот сојуз при Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, Арт Поинт – Гумно, Задружен дом во с. Слоештица и Europe House од Битола