Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска оствари средба со земјоделци во општина Новаци за откупната цена на пченицата.
- Денеска сум во посета на пелагониско, во општина Новаци, срцето на житницата во Република Македонија, на разговор со земјоделците околу почетокот и текот на откупот на лебното жито. Денеска ќе разговараме за сите отворени ситуации коишто се на прагот на жетвата. Претпоставувам дека и годинава ќе има проблеми како што имаше и минатата година, изјави Трипуновски.
Тој информира дека за наредните денови има закажано средби за откупот на пченицата со повеќе земјоделски здруженија, но и со млинарите и откупувачите на пченица во државава.
- Во текот на утрешниот ден имам договор за средба со земјоделски здружение од другите делови на Република Македонија на коишто исто ќе сакам да го слушнам нивното размислување, нивниот став и во четврток веќе имам договорено посебна средба со откупувачите, со млинарите коишто откупуваат пченица, да се обидам да ја сублимирам цела оваа ситуација, да извлечеме што е можно повеќе, денар плус за македонскиот земјоделец, којшто знаеме дека изминативе години претрпе многу штета од лошите политики, вели Трупиновски.
Посочи дека власта ја преземаат на половина од годината и дека заради лошите политики и непланското водење на секторот земјоделство веќе е направена одредена штета која што ќе влијае на цената на пченицата за оваа реколта. Но, нагласи, ќе се преземат сериозни чекори и планирања за идната жетва.
Трипуновски наведува дека позитивните политики на Владата ќе се почувствуваат во тек на наредната жетва, односно, како што вели, кога оваа година ќе го подготвиме теренот и наредната година оние земјоделци коишто навистина произведуваат пченица ќе почувствуваат што значи вистинска грижа за нивното производство.