Учениците не знаат алатки за проверка на потекло на фотографии на интернет, покажува истражувањето на медиумска писменост кај учениците во прва и втора година средно образование, што беше презентирано денеска во просториите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). На прашањето колку често ги правиш следниве активности на социјалните мрежи секој ден, 83 отсто рекле дека разговарале со пријатели или членови на семејство, 60,2 проценти дека слушале музика и се информирале за групи, бендови и артисти преку социјални платформи, 56,8 отсто разгледувале содржини - текстови, видеа, фотографии, 44,1 проценти разгледувале страници на други луѓе без да остават лајк или коментар, додека 28,4 отсто се информирале за најновите случувања и дома и во светот.
На прашањето, што ќе направиш ако на интернет видиш нешто што сметаш дека е загрижувачко, безобразно, навредливо, што може некому да нанесе штета или да влијае негативно, 55,5 отсто се изјасниле дека ќе го игнорираат - нема да реагираат, 47,6 проценти - ќе престанат да го следат лицето кое споделило таква содржина или коментар, 50,2 отсто - ќе го блокираат лицето кое споделило таква содржина или коментар, 34 проценти - ќе ја споделат содржината со пријателите за да кажат дека тоа не е добро...
Наодите од истражувањето беа презентирани од Софија Ристова од Агенцијата Рејтинг.
Според добиените податоци, машките испитаници - 20 отсто, во поголем процент без проблем би споделиле јавни информации за тоа што прават во однос на женските - 12 проценти. Дури 96 отсто од испитаниците одговориле негативно на прашањето дали се запознати со некои техники и алатки за проверување на потеклото на фотографија објавена на интернет.
На прашањето какви содржини најмногу гледаат на интернет, 62 отсто одговориле „Тикток“ видеа, 46 отсто - кратки видеа на „Инстаграм“, 39 отсто - музика, 31 отсто - кратки видеа на „Јутјуб“, 24 отсто од анкетираните кажале спортска содржина. Средношколците од прва и втора година, според истражувањето, најмногу користат „Инстаграм“, „Тикток“, „Фејсбук“, „Снепчет“.
На телевизија, средношколците најмногу гледале спортски натпревари - 39 отсто, играни филмови - 37 отсто, хумористични емисии - 33 отсто, сериски филмови - 29 отсто, музички емисии - 29 отсто, вести - 26 отсто, документарни емисии - 22 отсто.
Медиумската писменост еден од темелите за идните генерации критички да мислат и препознаваат лажни информации
Медиумската писменост останува еден од темелите преку кои можеме да им помогнеме на идните генерации не само критички да размислуваат, туку и сами да можат да ги препознаат вистините од лажните информации кои стигаат до нив. Ова пред присутните го истакна Дејан Докузовски од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
- Проектот на УСАИД за медиумска писменост во изминатите три години се фокусираше на поддршка преку воведување медиумската писменост на сите нивоа во основното образование во предметите по мајчин јазик, како и поддршка на осум високо образовни институтиции за воведување на темата медиумска писменост или во постоечки предмети или креирање нови предмети, со што медиумската писменост ќе ја има во 22 предмети во рамките на наставните програми на сите педагошки факултети во земјава, но и други високо образовни институции, појасни Докузовски.
Работата во средното образование сѐ уште не е започната, додаде тој, барем не преку системска интервенција во програмите за средно образование.
- И токму затоа сме благодарни на АВМУ не само што ни излезе пресрет со фокусирање на ова истражување на средшношколската популација, туку и го финансираше ова истражување кое ќе ни биде од особена корист во работата во следниот период, кога очекуваме преку Проектот на УСАИД за медиумска писменост да се фокусираме на поддршка на измените на програмите во средното образование и воведување медиумска писменост и во предметите по мајчин јазик за учениците од прва до четврта година во средното образование, истакна Докузовски.
Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски рече дека анализа на состојбата со нивото на медиумска писменост кај малолетниците, била потребна одамна.
- Со ова истражување, Агенцијата обезбедува релевантни податоци кои можат да бидат користени во сите наредни реформски зафати зашто е направено врз репрезентативен примерок од сите ученици кои минатата учебна година беа запишани во прва и втора година средно образование и тоа и во гимназиите и во стручните училишта. Освен што дава генерални податоци за средношколците од првите две години, истражувањето, таму каде што постојат специфичности, дава и поединечни податоци за гимназијалците, односно за учениците во стручните училишта. Секако, на крајот има и заклучоци и препораки, појасни Трајчевски.
Тој истакна оти ваков потфат не се прави сам.
- Агенцијата, во рамките на своите законски надлежности да го поттикнува развојот на медиумската писменост ја увиде потребата, го испланира истражувањето и го финансираше неговото реализирање преку јавна набавка. Но, за да се обезбедат резултати кои ќе бидат најдобро искористени, се одлучивме на соработка со проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум со кои, во 2021 година, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието потпишаа Меморандум за соработка, за време на Деновите на медиумска писменост во 2021 година. Овој проект обезбедува поддршка за реформата со која во македонското образование се воведува медиумската писменост, а во оваа фаза на проектот беше потребно да се обезбедат информации врзани за реформата поврзана со воведувањето на медиумската писменост во наставата во средното образование. Всушност, ова е основно истражување кое ја утврдува актуелната, првична, состојба и кое се надеваме дека ќе го повториме кога истата генерација испитаници ќе биде во четврта година за да видиме низ какви промени поминала, додаде тој.
Министерството за образование и наука им обезбедило податоци за вкупниот број ученици и го овозможило непреченото спроведување на испитувањето.
- Содржината на прашалникот што се користеше во истражувањето беше изработена во соработка меѓу АВМУ, ИРЕКС, МИМ и Државниот испитен центар. Агенцијата, со јавна набавка во која примарна тежина во оценувањето на понудите играше квалитетот на понудата, а не цената, ја избра Агенцијата Рејтинг која спроведе пилот тестирање, го финализираше прашалникот, го преведе на албански и на турски јазик за учениците на кои ова им се мајчините јазици, ги сумираше наодите и со поддршка на професорката Ана Фрицханд, даде толкувања, исто како и АВМУ и „Младите размислуваат“, додаде Трајчевски.