Со средби со членовите во Центар, Карпош и Кисела вода продолжија теренските активности на Јован Деспотовски, кандидат за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Членовите отворено зборуваат за состојбите, незадоволството и даваат конкретни идеи како да се реформира партијата во иднина. Најмногу ги интересира кадровската обнова на партијата и како да се врати важноста на месните организации.
“Охрабрува тоа што луѓето отворено зборуваат, критикуваат, но и активно даваат свои предлози за промените кои ни претстојат. Тоа е здраво и суштинско, и јас сакам да слушам сè што имаат да ни кажат. Бидејќи ако не си ги кажеме сега работите какви што сè нема да можеме да влеземе во процесот на заздравување.Никој не треба да се „вознемирува“ од зборовите на членството и од критиките на луѓето. Напротив треба да ги слушаме и да постапиме така како што зборуваат ако сакаме да одиме напред,“ рече Деспотовски.
Членовите во Карпош и Кисела Вода отворено зборуваа за потребата од расчистување со досегашната кадровска политика, изгубената комуникација на општинските и месните организации со партискиот врв и потребата од обединување.„Пораката е дека се незадоволни од состојбите во партијата и на 30.06, во недела сите тие ќе се определат дали се за нов почеток или ќе одиме по старо. На 30.06 ние ќе имаме референдум и тој референдум ќе биде успешен. Она што е важно е дека СДСМ нема да се обедини околу човек ниту програма, СДСМ ќе се обедини околу јасен став, принципи и нов почеток. Заедно ќе дефинираме јасни принцип и ставови за клучни прашања важни и за државата и за граѓаните, коишто ги немавме изминативе години,“ порача Деспотовски и додаде дека “не е можно да се гради нов почеток со стари кадри“.
Како следни чекори Деспотовски појасни дека програмата Нов почеток, Нов СДСМ е веќе дополнета со сите, над 200 пристигнати предлози од членовите, меѓу кои е и подготовка на правилник со утврдување на критериуми за кандидати за функции, навремено профилирање на потенцијални кандидати за функции и следење на фидбекот на јавноста за потенцијалните кандидати кое ќе се примени веќе од октомври за кандидатите за градоначалник, воведување на принцип на менторство за избрани односно предвидени кандидати за функции, финансиска независност на СДММ и Форумот на жени со одреден процент на надомест од средствата добиени од буџетот.
“Оваа програма и предвидените промени по 30.06 ќе бидат интегрирани во идниот Статут на партијата за да не останат само убави желби на хартија. Според планот на активности до крај на летото веќе ќе треба да ги избереме сите нови општински раководства и делегати и потоа да свикаме Конгрес на кој ќе се изгласа новиот Статут,“ појасни Деспотовски.