Европската комисија денеска ги објави резултатите од конкурсот за иницијативата „Европски универзитети“ од програмата на Еразмус+ за 2024 година за поддршка со по 14,4 милиони евра за период од четири години за 64 алијанси на високообразовни институции, во кои се вклучени и три универзитети од земјава, јави дописникот на МИА од Брисел.
Станува збор за битолскиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, кој е дел од алијансата „COLOURS“, штипскиот „Гоце Делчев“ дел од алијансата „ACE2EU“ и тетовскиот Универзитет на Југоисточна Европа од алијансата „CHALLENGE.EU“.
Како што соопшти Европската комисија, во 64-те алијанси на европски универзитети избрани на конкурсот за доделување поддршка се вклучени повеќе од 560 високообразовни институции од секаков тип од 35 земји, меѓу кои се сите 27 членки на ЕУ, како и Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Норвешка, Северна Македонија, Србија, Турција и Црна Гора.
Според ЕК, резултатите од конкурсот претставуваат „важна пресвртница“, бидејќи е остварена целта од европската стратегија за обезбедување поддршка на најмалку 60 алијанси на европски универзитети со над 500 високообразовни институции до средината на 2024 година. На ланскиот конкурс беа избрани 50 универзитетски алијанси, а годинава им се придодаваат уште 14 нови.
Целта на иницијативата е поврзување на европските универзитети со што ќе им се овозможи на „нова генерација Европејци“ да студираат и работат во различни европски земји, на различни јазици и низ повеќе сектори и академски дисциплини.
- Студентите можат да добијат диплома за завршено високо образование со комбинирање на студии во неколку европски земји, со што се придонесува за меѓународната привлечност и конкурентност на високото образование во Европа, се додава во соопштението.
Овие алијанси им овозможуваат на студентите да работат со речиси 2200 придружни партнери, кои вклучуваат научници, истражувачи, компании, локални власти, граѓански организации и високообразовни институции од земјите од Болоњскиот процес.
Со конкурсот за 2024 година се предвидува и поддршка за формирањето на Заедница за пракса на европските универзитети, чија цел е соработка меѓу студентите од различни алијанси и поттикнување на модели за учење во поширокиот сектор на високото образование.
Комисијата најавува дека ќе продолжи да ги поддржува алијансите на европските универзитети и секој друг вид на партнерство помеѓу високообразовните институции со цел полесно спроведување на заеднички програми за образование, согласно Планот за воведување единствена европска диплома, претставен во март годинава.
Иницијативата „Европски универзитети“ обезбедува поддршка на транснационалните универзитетски алијанси, кои во просек вклучуваат по девет високообразовни институции, како мултидисциплинарни, истражувачки и универзитети за применети науки, технолошки институти, уметнички и виши школи и институции за обука.
Целта на иницијативата е развој на долгорочна структурна, одржлива и системска соработка меѓу високообразовните институции во синергија со истражувањето и иновациите насочена кон справување со општествените предизвици. Со неа се овозможува и спроведување на заеднички наставни програми во кои се вклучени студенти, универзитетски наставен кадар и истражувачи од сите делови на Европа.
Предлогот за покренување на иницијативата „Европските универзитети“, Еврокомисијата го презентираше на Социјалниот самит во Гетеборг во ноември 2017 година, како дел од севкупната визија за создавање на единствен Европски образовен простор до 2025 година. За поддршка универзитетите опфатени со иницијативата за периодот 2021-2027 година се предвидени 1,1 милијарди евра во рамки на програмата Еразмус+. Дополнително овие универзитетски алијанси може да аплицираат и за поддршка за истражувања преку програмата Хоризонт Европа.