Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, ја повлекува кандидатурата на еден ден пред внатрепартиските избори. Преку официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, Петровска вели дека сака да го заштити СДСМ од нелегитимен избор на претседател и бара нејзиното име да не стои на избирачкото ливче.
– Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазување на статутот ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда, пишува Петровска.
Во писмото наведува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, сепак таа не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.
– Вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со преставници на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на лични податоци на илјадници членови на СДСМ кое продолжи и денес, но за жал не добив одговор кој ги побива сите овие тврдења. Како социјалдемократ верувам во искреноста со која треба да се обраќаме кон нашите другари и другарки и затоа сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултатите, наведува Петровска.
Петровска во изјава за медиумите вчера ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Таа, исто така, посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал.
Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски